250.000 евра Владата ќе одвои за кампања, повеќе од 30 јавни личности ќе апелираат за имунизација

Бурни реакции во јавноста за владината кампања „Вакцинирај се“. Информацијата дека видео спотовите со кои ќе се промовира имунизацијата против Ковид 19 чини неверојатни 250.000 евра ги зовре социјалните мрежи. Граѓаните реагираат дека парите наместо за спотови можеле да се искористат за набавка на брзи тестови за контрола на учениците кои од први септември ќе следат настава со физичко присуство. Министерот за здравство Венко Филипче објаснува – за сега брзи тестови за децата не се планирани, но во иднина не се исклувува и таа можност.

„Тоа што се инвестирани средствата во кампањата не значи дека се скратува на друго место. Водејќи се од искуствата во други земји, се разгледува и оваа можност. Засега не се препорачуваат никакви дополнителни мерки, но може да донесеме и други препораки согласно тоа како се одвива сликата со пандемијата“, рече Филипче.

Специјалистите пак алармираат дека наставата со физичко присуство во училиштата без контрола на ковид состојбата на децата претставува огромен ризик. Микробиологот Никола Пановски вели дека ако на едно дете му се случи нешто сериозно во училиште ќе настане хаос бидејќи атмосферата е многу чувствителна.

„Можеби требаше да се овозможи комбинирано да се учи, и со физичко присуство и оналјн. Работите ќе зависат од тоа каква е стратегијата, а очигледно, стратегија нема. Во Шведска имаа стратегија, децата ги пуштија на училиште да се инфицираат. Затоа не носеа маски и сепак немаа ниеден случај со несакан исход, а тоа е држава со 10 милиони жители. Кога ќе се разболи детето таму, останува дома, а другите продолжуваат да си одат на училиште. Кај нас ќе биде хаос, едно дете ќе се разболи, па цел клас ќе биде во изолација“, вели професорот Пановски.

Во меѓувреме, спласнува интересот за вакцинација со прва доза. Бројките на МЗ покажуваат дека вчера прва доза од анти ковид вакцината примиле 9100 граѓани. За споредба, минатата недела, откако стапија на сила новите рестриктивни мерки, прва доза од вакцините примаа по околу 14.000 граѓани дневно.

Од денеска повторно се отвора вакциналниот пункт во малата сала во СЦ Борис Трајковски каде на граѓаните на располагање за прва доза им се вакцините од три произворители – Фајзер, Астра Зенека и Синовак.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста