Полициски инспектори влегоа во веледрогеријата „Др.Пановски“

Полициски инспектори влегоа во веледрогеријата Пановски со налог за наоѓање и одземање документација за увоз на лекови – потврдуваат од Министерството за внатрешни работи.  Од МВР велат дека инспекторите од одделот за борба против организиран криминал и корупција вршат проверки во неколку веледрогерии.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал  постапува по Наредба издадена од страна на надлежен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во врска со увоз на лекови – велат од МВР.

Неофицијално инспекторите ја чешлаат работата на веледрогеријата поради наводен  паралелен увоз на лекови. Истражните органи ги проверуваат сомнежите дали се увезувани фалсификувани лекови кои се дистрибуирале во јавното здравство.

Од обвинителството појаснуваат дека станува збор за одземање документација, но не се прави претрес. Од веледрогеријата пановски  велат дека треба да се стави крај на сите дилеми поврзани со законитоста на набавките и квалитетот на лековите.

Го почитуваме интересот на медиумите, но немаме намера да изнесуваме детали за да не им попречуваме на надлежните институции да ги преземат сите неопходни дејствија. Дел од сензационалните вести кои имаат за цел да го нарушат угледот на веледрогеријата АД „Д-р Пановски“ не можат да влијаат на фактите дека работиме исклучиво согласно позитивните законски прописи – велат од веледрогеријата „Др. Пановски“.

Претходно, беше отворена предистрага по допрен глас токму поради паралелниот увоз на лекови во државава. Во тој период здруженијата на пациенти реагираа и тврдеа дека паралелниот увоз на лекови бил контроверзен оти не сите набавки имале сертификат дали лековите се безбедни.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста