23-годишно момче од Скопје е најмладиот пациент во ГОБ 8 Септември, 70-тина пациенти се со тешка клиничка слика

23-годишно момче од Скопје со компликации од корона вирусот е најмладиот пациент хоспитализиран на ковид одделението во ГОБ 8 Септември. Докторите алармираат дека делта сојот кој доминира во Македонија се повеќе ги напаѓа младите и оти симптомите кај нив се посериозни отколку во претходните корона бранови. Интернистот Владимир Ристовски, кој уште од стартот на корона пандемијата е вклучен во лекувањето на ковид позитивните пациенти, вели дека овој индиски сој е различен по тоа што за многу кратко време прогресира и ја влошува здравстевната состојба кај пациентите.

„Помладите пациенти дефинитивно имаат потешка клиничка симптоматологија. Најчесто тоа се невакцинирани пациенти. Кај повозрасните пациенти различака од претходниот и овој бран е тоа што клиничката слика напредува многу побрзо и промените на белите дробови се со побрз развиток. Имаме пациенти и на респиратор и на неинвазивна механичка вентилација“, вели интернистот Владимир Ристовски.

Доктор Ристовски, кој прв обелодени дека во ГОБ 8 Септември во текот на пролетта најмалку четворица млади пациенти биле стентирани поради кардиолошки пост ковид комплиакции, алармира дека последиците од оваа нова и посилна корона мутација допрва ќе се лекуваат.

„После една стагнација во летниов период кога бројот на тие пациенти се намали, со оглед на тоа дека претходните бранови беа поинтензивни со поголем број на пациенти, од овој бран сега почнуваат да се појавуваат пост ковид последиците, имаме исто така доста помлади пациенти најчесто со белодробна тромемболија. Ќе го видијме и понатамошниот тек како ќе биде, но очекуваме дека бројот на тие постковид компликации ќе се зголеми“, вели доктор Ристовски.

Во ГОБ 8 Септември на болничко лекување се 80-тина пациенти, сите биле невакцинирани. Докторите признаваат дека позитивни пациени со компликации од корона вирусот, со ниска сатурација и многу серизони бронхопневмонии доцна барале лекарска помош, па докторите не ретко биле немоќни да им го спасат животот.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста