Челичната индустрија бара помош од Владата

Челичната индустрија на колена. Производителите очајно бараат Владата да интервенира со мерки за овој сектор и да им помогне бидејќи штетите ќе достигнат и 150 милиони евра годишно. Иако надлежните и натаму уверуваат дека се уште има простор за преговори со Брисел, металурзите не се оптимисти дека Македонија може да биде иземена од европските квоти и царини од 25%. Тие бараа национални квоти за сите стоки и тоа на нивото од преткризните години кога производството беше поголемо. Велат мерки за ублажување на загубите мора да има.

„Кога индустријата е погодена со вакви состојби од надвор, државата може да предложи арсенал мерки за да се ублажи состојбата. Што е она што и стои на располагање на држвата се познати во светот, но во основа проблемот не може да се реши со владини мерки, затоа што проблемот е од надвор“ – рече Митко Кочовски, претседател на Здружение на металургија при Стопанска комора на Македонија.

Иако претходно најавија отпуштања на работници, сега металуршките капацитети со попретпазливи изјави. Велат и онака кубурат со кадар, па ќе пробаат да ги задржат луѓето на работа. Сепак, неминовно ќе им се зголемат фиксните трошоци, а планираните инвестиции тешко ќе ги реализираат.

Освен Европа и САД, челичната индустрија алтернативни пазари нема. Само минимален дел од производството може да се пласира во други држави – тврдат од Здружението на металургија. Пресметале дека загубите во извозот на цевки и профили ќе изнесуваат 45 милиони евра годишно или 135 милиони евра за 3 години. Само „Макстил“ ќе има нерелизирани приходи од 25 милиони евра годишно за топловаланите производи, а скоро 50-милионски загуби ќе има и „Арчелор Митал“ за ладноваланите, пластифицираните и поцинкуваните лимови. Металурзите алармираат дека загуби ќе имаат и сите поврзани сектори – снабдувачите, транспортерите, логистиката и енергетскиот сектор.

Тања Попова