Живот на улица – заборавени од институциите, игнорирани од сограѓаните

Во пресрет на новогодишните празници, поголемиот дел од граѓаните итаат за да земат што повеќе намирници за богата трпеза. Но, има и такви кои немаат покрив над глава, па и овие денови, како и секој претходен, седат низ улиците, гладни, стуткани на некоја од пешачките зони, со валкана облека и картонска кутија пред себе, чекаат сограѓани да им се смилуваат и да им дадат некое денарче за да купат лебче.

Опкружени со луѓе во постојано брзање, бездомниците, чии број расте, остануваат речиси незабележливи. За да се стоплат се собираат во пунктовите наменети за нив, и бараат преноќиште, за ладните денови да не ги минуваат под отворено небо.

Дел од бездомните лица добија топла облека во Центарот за бездомници на Црвен крст. Важен е сегментот на социјалната поддршка, потенцираат од Црвениот крст бидејќи, станува збор за луѓе кои ја имаат изгубено довербата во себе, но и во системот.

Новогодишните празници се време на радост, посакување на желби и веселби, но не треба да се заборави дека се и можност за дарување и хуманост кон оние помалку имашните.

Сања Трајковска Ставров