2021 уште една изгубена година за македонските евроинтеграции?! Поголема надеж за словенечкото отколку за португалското претседателство

Втората половина или последното тромесечие од 2021,дури тогаш познавачите прогнозираат евентуално посериозно поместување во односите Скопје-Софија. Претходно не очекуваат значајни промени во ставовите кај нашиот источен сосед во однос на ветото. Бугарските избори во март според аналитичарот Сашо Клековски сериозно ќе влијаат и натаму на тоа во софија да се засилува антимакедонската реторика за прибирање политички поени. А усвојувањето на анти ковид буџетот во самата ЕУ како и реализацијата на договорот за брегзит ќе одредат колку ЕУ ќе се занимава со нас и со останатите земји од Западен Балкан.

“Можеби со изборите во Бугарија партијата на Каракачанов нема да биде во парламентот што може малку да ја ублажи реториката таму. Но да не потцениме дека и во Грција проблемот почна како изборен проблем односно младиот Самарас виде можност на проблемот со Македонија како млад политичар да гради политичка кариера. И сведоци сме деновиве дека функционери на БСП кои во европскиот парламент поддржаа поинаква резолуција ја подогаат реториката така да има ризик да останема заглавени во некоја внатрешна дискусија во Бугарија”, вели Клековски.

Слично размислува и поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Васко Наумовски. И тој ја потенцира важноста на парламентарните избори во Бугарија како главна причина зошто барем во првите три месеци од португалското претседателство не треба да се очекуваат чуда. Наумовски смета дека Германија и натаму интензивно ќе го поттикнува проширувањето на европското семејство.

“Најголемиот притисок за продолжување на процесот на проширување треба да дојде од самите европски институции, пред се од Европската комисија меѓутоа и од самите влијателни земји членки кои што се традиционално поддржувачи на овој процес. Германија иако нема да го има претседателството се уште ќе остане една од главните држави членки што се поддржувачи на проѓирувањето и верувам дека и натаму ќе има свое влијание”, вели Наумовски.

Клековски смета дека постои разочарување од тоа што Берлин не успеал да ја исполни агендата за проширувањето и забрзување на преговорите сo оние земји кои веќе ги имаат започнато. Тој и Наумовски се со став дека во вторите шест месеци кога Словенија ќе го преземе претседавањето може да дојде и до одредена динамика во нашата евроинтеграција.

“Словенија е регионален играч. Многу заинтересиран за овој простор. Очекувам дека тие ќе бидат попосветени и откако ќе поминат поголеми невољи како корона, брегзит”, вели Клековски.

“Поголемо влијание односно повсок интерес од страна на ЕУ би можел да дојде за време на словенечкото претседателство во втората половина од 2021 година кога Словенија како една од државите членки на ЕУ која има интерес за побрза интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ ќе може да го искористи своето влијание и да се направи одреден напредок по ова прашање”, вели Наумовски.

Во меѓувреме Македонија и натаму останува во еу чекалницата надевајќи се на позитивен исход во 2021, одобрување на преговарачката рамка и добивање на долгоочекуваниот датум за преговори. Бугарија два пати го потврди ставот дека не сме биле подготвени. И натаму ги спорат македонскиот јазик, нација, малцинство.  И бараат спроведување на Договорот за добрососедство.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста