2021 година ја надмина 2020 по скандали на владини функционери

Нелегална набавка на софтвери, шверц на марихуана, низа дипломатски скандали, издавање нелегални пасоши на криминалци и нарко-босови, злосторничка група формирана од вработени во министерството за внатрешни… Долг е списокот од делата за кои претставници на власта од високите или пониските ешалони изминатава година, се во притвор или се соочуваат со обвиненија – но разрешници нема. Не помина ниту еден месец да нема скандал од невидени размери кои ја стресоа владата на Заев. Неговите најблиски соработници и покрај доказите за директна вмешаност во случаите не седнаа ниту во Обвинителството барем на информативен разговор.

Екс-генерален секретар на владата Драги Рашковски, кога на глава му висеа скандали од неколку илјадници евра, си истера одмор во Мексико со семејството.   

Додека Рашковски беше на плажа, обвинителството отвори предистрага по допрен глас за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци. Откако одморен поднесе оставка, заврши во притвор, нудеше гаранција од половина милион евра и по еден месец зад решетки, во јуни, си врати дома.

Рашковски обвинението го дочека во домашен притвор наместо во Шутка за нелегална набавка и перење пари. А додека јавноста знаеше дека е во притвор, тој се шеташе по улиците по скопски Аеродром без придружба.

Премиерот Заев до последно го бранеше Рашковски бидејќи не требало пред време да биде осуден. Освен набавката на софтверот за МВР, за него беа отворени и други афери. Дел од медиумите пишуваа и за случај во кој склучил тригодишен договор за софтверски лиценци од милијарда денари откако во отворена постапка отпаднале условите за  техничка и професионална способност. Рашковски беше во фокусот и поради земјиште во Побожје кое го немаше во неговиот анкетен лист како и џипот волво. Пред две години пак беше отворен случајот со набавка на софтвер во М Нав од фирмата Леонардо кој сеуште нема разрешница, каде главната улога повторно ја имаше блискиот соработник на премиерот Заев.

Министерството за внатрешни на Спасовски неколку пати беше во центарот на вниманието. Опозицијата обелодени дека полицајци блиски до СДСМ формирале злосторничка група за време на изборната кампања која требало да следи членови на ВМРО ДПМНЕ за потоа физички да ги малтретира и да им го ограничи нормалното движење. Партијата тврдеше дека групата во која биле вклучени над четириесетина полицајци се координирала на апликацијата вибер, а биле вклучени началници, полициски командири и полицајци во улога на партиски извршители.

МВР пак беше во фокусот на вниманието на јавноста откако беа објавени аферите Мафија 1 и Мафија 2. Опозицијата ја обвини власта дека издавала македонски пасоши на криминалци од Балканот и пошироко и дека на исти лица им биле издавани два матични броеви со кои два пати се појавувале на избирачкиот список. Случајот беше експресно решен, оти на обвинителна клупа се најдоа шалтерски работници, и ниедна крупна ѕверка. Очекувано ниту Спасовски ниту некој друг висок функционер не понесе одговорност. Ниту пак пасошите беа поништени.  

Од оние кои се движеа слободно со македонски нелегален пасош беше и турскиот нарко бос Седат Пекер, кој преку видео го „поздрави“ Заев, потсетувајќи го дека му бил на гости дома.

И други блиски соработници на премиерот се најдоа на тапет: на пример личниот возач на Трајче Заев, Александар Ушилковски, кај кого беше запленета марихуана. И за ова Заев се оградуваше тврдејќи дека немало никаква поврзаност со неговите блиски.

Од низата скандали се вројуваат и дипломатските – кои првично започнаа со разрешувањето на руските дипломати и нивно протерување, но и скандалот со притворањето на македонскиот дипломат Миленковски. Засега се уште нема одговор кој замижал на меѓународната потерница издадена пред година и пол.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста