2018 тешка година за стопанството, оптимистички прогнози за 2019

Турбулентна година полна со ризици и предизвици, главно поради политичките случувања, кои според стопанствениците на големо влијаеле во развојот на економијата во 2018, која се оценува како тешка година. Бизнисмените велат дека во услови на неизвесност, клучно во 2019. ќе биде фирмите да застанат на здрави нозе и да ги реализираат плановите, а не да се борат само за опстанок.

Челниците на трите најголеми стопански комори во земјава оптимисти. Очекуваат дека 2019 ќе биде подобра година за бизнисот. За да биде така, велат дека неопходни биле низа мерки кои стопанството треба да ги примени за да има резултат. Како најголем проблем, велат од Стопанската Комора на Македонија, бил недостигот од стручен кадар, за кој државата мора да посвети поголемо внимание на образовниот процес.

Бизнисмените очекуваат подобра година од лани, но и поголема соработка со странските инвеститори и борба со нелојалната конкуренција. Соработката на домашните компании со странските инвеститори е се уште на незадоволително ниво. Од Стопанската комора на северозападна Македонија велат дека компаниите за да бидат успешни во своето работење, мора да набават нова, модерна опрема и да бидат поконкурентни на пазарот.

Во 2019 за реализација на сите планови, најважна е политичката сигурност, зацврстување на јавно приватен дијалог и предвидлив деловен амбиент како основа за долгорочно планирање на компаниите на деловните активности, велат од Сојузот на Стопански комори. Според нив, главен предуслов за успешно работење е продуктивноста на работниците, како и справување со сивата економија, која е присутна со 30%.

Стопанството смета дека тешко ќе оди влезот на нови странски инвестиции во 2019-та, зашто според нив, газдите барале поголема сигурност. Велат дека државата мора да направи сериозни намери за привлекување странски инвеститори.

За разлика од владините проекции за раст од 3,2%, Народната банка излезе со пооптимистички прогнози – економијата има капацитет да оствари раст од 3,5%. Ова е и најоптимистичка прогноза во споредба и со оние на меѓународните финансиски институции.

Борис Грујоски