2000 вакцини донација од Емирати ќе ја спасуваат масовната вакцинација на Филипче
Нова донација, нова фалба на министерот за здравство Венко Филипче. Денеска во земјава ќе стигнеле 2000 дози од кинеската вакцина, донација од Обединетите арапски емирати. Вакцините ќе летаат до Софија, а оттаму бил обезбеден превоз до Македонија.
2.000 дози од Синофарм ги скараа владините министри. Додека Филипче тврди дека донацијата била договорена со помош на македонскиот амбасадор во Абу Даби, неговиот колега Бујар Османи се пофали дека лично тој ја обезбедил донацијата.
Во меѓувреме, вакцинацијата на критичната инфраструктура завршува утре со вработените во обвинителствата, судовите и инспекциските служби. Останатите дози од вакцините на Спутник ќе бидат распределени и за имунизација на повозрасните граѓани. Хронично болните, кои апелираа до министерот оти ги заборавил ќе бидат повикани на вакцинација согласно нивната возраст. Министерот вели оти возрасната граница постепено ќе се намалува со цел да бидат опфатени сите возрасни групи.
Докторите алармираат дека во недостиг на вакцини, граѓаните се оставени сами да водат грижа за своето здравје.
До сега во Македонија се вакцинирани околу 25.000 граѓани, најголем дел од нив ги примија вакцините на Фајзер и Спутник, кои земјава ги доби како донација од Србија.
Во меѓувреме, здравствените власти се уште не кажуваат кога точно ќе стигнат нарачаните 200.000 дози од Синофарм, нути пак вакцините на Фајзер договорени во директни разговори со производителот.
Нема најава ни за втората тура од вакцините на Астра зенека, кои тѕреба да дојдат преку Ковакс механизмот.
Биљана Божиновска