200 хектари шума изгореа вчерашните пожари во Кочанско
Над 200хектари пеплосаа двата пожари кои вчера во попладневните часови го зафатија кочанскиот регион. Огнот зафати нискостеблеста и борова шума. Според причните информации пожарот кон Гратче се смета дека е подметнат, а пожарот на потегот меѓу селата Тркање и Бели настанал по пагање на жица од далековод, иако првичните претпоставки беа дека е предизвикан од гром. Во изминатите 24часа во кочанско се регистрирани три пожари. ПОради немањето на доволно луѓе во борбата со огнената стихија се вклучија и екипи од Штип и Виница. Во целата несреќа и среќа е велат пожарникарите што еден од пожарите беше помал, па лесно е локализиран, инаку ќе немаше кој да го гаси..
„Тоа е еден од поголемите проблеми. Ако во исто време се случат два или три пожари веднаш се јавува недостаток од луѓе и возила. Екипите се распоредеат на две-три локации и толкав ни е капацитетот. Ветрот ни е непредвидлив фактор и не знаеме на која страна може да предизвика огромни штети„-изјави Благој Паунов, командир на ППЕ-КОчани.
Зачестените пожари на виделина ги изнесоа системските проблеми со недостатокот од кадар и старите дотраени возила. Според закон во кочанската единица треба да има 31, а во моментот се само 17 пожарникари. Од Општина КОчани велат дека прават напори за пет нови вработување . Барање е испратено, но се уште нема одговор. Доколку министерството за финансии не одобри, општината е подготвена платите на нововработените да ги обезбеди од сопствен буџет. Истовремено се размислува и за ангажирање на доброволци.
„Ние треба да размислуваме за воведување на доброволни противпожарни друштва , односно лица кои ќе ги обучуваме. Во вакви случауи ќе ни бидат достапни, а за возврат ќе земат финансиска надокнада. Размислуваме бројката на доброволци да достигне околу педесет„-изјави Николчо Илијев, градоначалникот на Кочани
Со ваков проблем се соочуваат и другите противпожарни единици. Анализите направени минатата година покажуваат дека во државата имаме над 500пожарникари помалку од законскиот минимум, а огнените стихии ги гасат со возила стари и над триесет години.
Александра Ристевска