2.5 милиони евра од Фондот за иновации за фирми од областа на земјоделството

Два и пол милиони евра потрошил Фондот за иновации за да подржи 11 мали компании за земјоделско производство. Директорот на Фондот вели дека целта е да се креира додадена вредност во земјоделството, бидејќи во моментов вредноста по работник изнесува само една третина од просекот во Европската унија. Ги повика заинтересираните да учествуваат на новиот конкурс на Фондот. Фирмите до 15-ти мај можат да аплицираат за најмногу 350 илјади евра поединечно.

– Овде можеме да го видиме во пракса она што го повторуваме секогаш, дека иновациите се применливи секаде, не само во ИТ индустријата. Иновациите се практична работа која носи додадена вредност. Во Северна Македонија создадената вредност по ангажирано лице во земјоделието е една третина од европскиот просек, а во однос на една Холандија која е една од најразвиените земји во овој сектор заостанува десет пати. Нашата цел е да создадеме поголема додадена вредност по работник. Од друга страна исто така сакаме преку поддршката на вакви проекти да се намали и зависноста од увоз на вакви производи. На пример Израел земја која е меѓу водечките по инвестиции во иновации во сите сектори е 50% пустинска земја, а задоволува 95% од потребите со домашно локално производство на земјоделски култури – посочи Јован Деспотовски, директорот на ФИТР.

Компанијата „Аква Поника“ од Орешани е една од поуспешните кои по добивањето на 35 илјади евра од фондот и 15 илјади евра сопствена инвестиција успешно работи на пазарот. Компанијата произведува градинарски производи во текот на целата година и ангажира и локална работна сила. Задоволни се од моменталната побарувачка, а нивната цел е да продаваат брендирани земјоделски производи. Проектот на оваа микро-компанија – „Брендирани млади органски салати“ има за цел да воведе нов иновативен производствен процес кој истовремено овозможува контрола на квалитетот на производот „од нива до полица во продажно место“ и лесна следливост на неговото потекло. Сопствениците на компанијата „Аквапоника“, Милица и Васе Петрушевски кои по струка се од ИТ секторот и образование велат дека главната цел им е да ги урнат табуата дека земјоделието е ниско доходовно. „Аквапоника“ денеска обработува околу еден хектар органски и ниви во органска конверзија. Новата линија на еко-производи веќе се продава во поголемите маркети во земјава.

– Се почнува од добра идеја, добар план, а со напорна работа и посветеност се постигнува и посакуваниот резултат. Она што го видов тука е дека тие направиле еден издржан и одржлив систем со кој се обезбедува производство во текот на целата година, а не само сезонски. Ова е токму таков пример како добра и едноставна идеја може да резултира во бизнис кој ќе генерира приходи – рече Анѓушев.