2 компании со свои аргументи за добивање на тендерот за универзален снабдувач со струја

Двете компании со свои аргументи за добивање на тендерот за универзален снабдувач со струја, фирма која ќе ги снабдува граѓаните кои нема да направат избор на слободниот пазар догодина. Државната Електрани на Македонија, преку фирмата-ќерка ЕЛЕМ Трејд и австриската ЕВН се во трка за тендерот за универзален снабдувач со струја. ЕВН има долгогодишно искуство со дистрибуција на електрична енергија, а ЕЛЕМ се обидува да ги спои дејностите производство и снабдување. Ќерката – фирма ЕЛЕМ Трејд формирана во 2009-та година досега се занимаваше со трговија со електрична енергија. Директорот на ЕЛЕМ не сакаше да калкулира со тоа колку нови работни места ќе треба да се отворат ако ЕЛЕМ Трејд стане универзален снабдувач.

И Австриската ЕВН, преку две свои компании, ЕВН Македонија и ЕВН Електро снабдување конкурираше на јавниот оглас. Нивен адут е досегашното искуство.

„Ова е само почеток на процесот на избор на Универзален снабдувач согласно законските промени кои се прават со цел усогласување со Европските стандарди и регулативи. ЕВН е компанија која има искуство во работењето во оваа област, ги исполнува сите услови и ќе учествува во сите фази кои се дел од овој процес“ – ЕВН.

Главен критериум за тоа кој ќе го добие милионскиот бизнис е што пониската бруто маржа, односно процентот на заработувачка, амортизација, оперативни трошоци, покривање на загуби. Комисијата за избор на универзален снабдувач во наредниот период ќе врши евалуација на понудите, по што двете фирми ќе учествуваат на електронското негативно наддавање. Првичната понуда на бруто маржа на ЕЛЕМ Трејд беше 14,9%, а на ЕВН 14,4%.

Иако се очекува универзалниот снабдувач да почне со работа веќе од март наредната година, реално, во случај на неуспех, ќе се распише нов тендер, а ако и тој не успее, Владата има право директно да назначи универзален снабдувач. До изборот, обврската останува на ЕВН Македонија.

Тања Попова