19 -годишна девојка суспектна на Ковид 19 почина во Битола – познавачите предупредуваат дека бројките на смртност допрва ќе растат

19 годишна девојка од Битолско, суспектна на Ковид 19, починала само неколку часа откако била примена во битолската болница, во исклучително тешка здравствена состојба. Ова е последен во низата случаи од црната ковид статистика. Вчера имаше рекордни 51 починат, а следните денови состојбата ќе биде уште поалармантна, предвидува професорот од Тахнолошкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, според кого дневната смртност од ковид 19 ќе достигне и по 60 починати на ден. Во своите алгоритми за текот на пандемијата професорот пресметал дека пикот на вирусот е во полн ек, а мерките кои вчера стапија на сила ќе дадат резултат дури после една седмица. Тој вели оти вакви рестрикции требало да се донесат пред најмалку еден месец за да се избегне црното сценарио од последниве две недели. Цената на непреземањето на поенергични мерки мора да се плати, вели професорот Трајковски.

„Сосема очекувано е дека врвот на умирањето ќе биде достигнат најмалку десет дена после врвот на заразувањето, значи некаде најрано околу 15-ти Април. Моментално е просечниот број на починати дневно 42, максимумот веројатно нема да достигне или ќе биде блиску до 50 во просек, со одредени инцидентни вредности и до 60. Се разбира дека немаше да стигнеме до овие високи нивоа на дневно заразување доколку мерките беа воведени уште пред еден до два месеци, во тој случај врвот ќе беше понизок, ќе беше додуша и поразвлечен на подолг временски период, меѓутоа притисокот врз болниците немаше да биде ваков како што е сега“, вели универзитетскиот професот Дејан Трајковски.

Според Трајковски, најлошото допрва доаѓа за Битола, каде пикот на вирусот се очекува во следните денови. Во однос на растот на кривата, таа моментално го достигнала својот врв, но ќе треба време за бројот на дневни позитивни случаи да почне да се намалува.

„Уште неколку дена ќе имаме константен број на новодијагностицирани пациенти, се разбира со малку повисоки вредности во среда и во сабота, а потоа тој број ќе почне да се намалува. Иако врвот на дијагностицирани е достигна, бројот на активни случаи не е, тој ќе продолжи да се искачува уште неколку дена, заедно со него и бројот на хоспитализирани“, додава Трајковски.

Само во последните седум дена бројот на починати поради компликации од Ковид 19 се зголеми на 300 или во просек околу 40 пациенти дневно ја загубиле битката со болеста. Висок е и бројот на ново заразени пациенти, кои според дневните статистики варира помеѓу 1200 и 1500 случаи. Најголем товар повторни има врз болниците, каде се хоспитализирани рекордни 1700 пациенти.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста