19-годишна девојка си го фрлила бебето во јама веднаш откако се породила

19-годишна струмичанка во неделата се породила во својот дом, а бебето го фрлила во полска јама. Веднаш по породувањето тинејџерката била примена во струмичката болница, каде докторите утврдиле дека е тазе породена и ја алармирале полицијата. Од МВР потврдија – во домот на девојката било пронајдено мртвото тело на новороденчето.

„По извршениот преглед на домот на повеќе места биле пронајдени докази кои укажуваат дека имало породување, а од страна на полициски службеници и јавен обвинител пронајдено е починато тело на новороденче. По наредба на Јавен обвинител мртвото тело е предадено на обдукција. Земени се примероци од крв за анализа од мајката, членови на семејството и мажот со кој девојката била во љубовна врска“, велат од МВР.

Предмет за овој случај, најавија и од Јавното обвинителство. Оттаму за Алфа кусо одговорија дека наскоро ќе информираат за случајот.

Јавноста се уште ги памети двата случаи на чедоморство од 2016 година. Во март, студентка која тргнала на апсолвентска екскурзија во Прага, се породи во тоалетот на царинската служба на граничниот премин Табановце. Откако се породила, бебето го фрлила во канта за ѓубре, го покрила со тоалетна хартија и се вратила во автобусот. Мртвото бебе било пронајдено утредента, а полициските инспектори со помош на безбедносните камери го утврдиле идентитетот на девојката. За неа, Основниот суд во Куманово донесе пресуда за условна затворска казна во траење од година и шест месеци, која нема да се изврши ако таа не стори друго кривично дело во следните три години.

Уште една условна казна од една година за кривичното дело „убиство на дете при пораѓање” пресудил истиот суд за 19-годишната А.М. од липковското село Матејче, која родила живо женско бебе во тоалетот на семејната куќа, па го фрлила во блиската река. Ниту таа нема да ја одлежи казната доколку не стори друго кривично дело во следните три години.

Биљана Божиновска