18 години нема настава на македонски јазик во централниот објект на тетовската гимназија

Овој месец матурска прослава имаа и 73-те гимназијалци од тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“, кои дел од наставата во изминатите години ја поминаа во други училишта, но и на плоштадот и во салата на Советот на општина Тетово. За гимназијалците од наставата по македонски јазик нема место во централната зграда на училиштето на улицата „Браќа Миладинови“ уште од 2001 година.

– Оваа генерација која започна средно образование во учебната 2015/2016, првата година ја помина во импровизирани услови и со скратени часови во објектот на Работнички универзитет, како и во училници на основното училиште „Гоце Делчев“. Кога бевме втора година од таму ни рекоа дека нема место па тогаш се започна со следење импровизирана настава на плоштад. По неколки недели бидејќи почнаа ладните месеци импровизирана настава продолжи во салата на Советот на општина Тетово каде учевме и со сите останатите класови, велат учениците од математичката насока со кои разговаравме, но не сакаа да им ги спомене имињата.

И учениците од природно математичката насока Б комбинација, кои учат природни науки, се потсетија на времето кога одеа на училиште во неприфатливи и несоодветни услови за 21-виот век. Потенцираат дека понормална настава имале во своите основни училишта отколку во средно.

– На плоштад ќе се видевме со професорите кои само усно ќе не запознаеа кратко со материјалот, ама бидејќи мораше дополнително да се консултираме за учење или дообјаснување тоа сме го правеле на заеднички групи за чет (разговор) на Фејсбук. Кога учевме во зградата на општината исто така тоа беше како „крпено“….Седиш на час и слушаш што збори професорот од другите класови. Родителите ни велеа дека пред 30 години кога тие оделе во гимназија имале далеку повеќе подобри услови-имало училници за сите, како и надгледни средства и други материјали, потенцираат матурантите.

До стабилизирање на состојбата доаѓа на крај од втората година и во трета-учебната 2017/2018 кога гимназијалците веќе добиваат основни услови односно училници во објектот познат како „Стара медицина“ стар над 100 години. Таму е направена основна реконструкција на подовите, поставување нови прозорци, врати, бојадисување, монтирање греење и слично. Сепак продолжуваат со настава во три смени и со скратени часови од по 35 минути.

– Дури во четврта година сега на крај учевме само од претпладне со редовни часови со нормално траење од 45 минути. Иако постојано стекнувањето образование беше под минималните услови, наши соученици успеваа да се изборат за први места на републички, но и меѓународни натпревари. Некои од нас учествуваат и во проекти за размена Еразмус плус и слични активности, велат и 23-цата ученици од општествено-хуманистичкиот смер.

Поради страв за своите животи во текот на месеците од оружениот конфликт во 2001 година учениците од гимназијата не одеа во централниот објект што се наоѓа во јужниот дел од градот на улицата „Браќа Миладинови“. И од тогаш се менуваа повеќе локации-како основни училишта но и во објектите на неколку државни установи. Ниту едно раководство на гимназијата не најде начин да обезбеди место за учениците од македонска настава. Долги години изговорот беше дека гимназијата има над 3500 ученици и претставува најбројно училиште во државата Тоа не се смени ни кога се отвори втора гимназија за настава по албански јазик „7 март“ во 2015 година.

– Просторниот проблем матурираше, поминаа веќе 18 години како учениците и професорите се обидуваат да добијат свое место во централниот објект. Многу години се учеше во ненормални услови со часови од 25 минути, но сепак излегоа одлични ученици кои сега се на разни позиции во општеството. Сме се соочувале и со поплави во бараките на стара медицина, падна покрив, а имаше и поплави поради пукнати цевки. Кулминицијата беше доживувањето трауми поради страв за животите кога ученик на 28 ноември 2014 година беше прободен со нож, раскажуваат и професорите.

И тие не сакаат јавно да се претстават поради многуте проблеми со кои досега се соочувале, а сметаат дека можат да ги имаат и во иднина. Потсетуваат дека заедно учениците правеа и протести со цел да се постигнат засега овие најдобри услови – да се учи во објектите на старото медицинско училиште. Велат дека на надлежните им предложиле да се воведе и нов правен субјект како начин на долгорочно решение на просторниот проблем со тоа што би се нашло или изградила нова зграда.

Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ е единственото средно училиште каде учениците се поделени по етничка основа. Долготрајното решение за доградба или надграба на централниот објект на улицата „Браќа Миладинови“ се очекува со години наназад.

– Во овие години освен потешкотијата да се следи настава, имавме големи животни лекции. А тоа е дека луѓето кои работат во институциите се повешти во „префрлање на топката“ или избегнување на одговорноста отколку што се посветени кон решавање на проблемот, велат гимназијалците, кои речиси сите ќе продолжат во високото образование.

Во локалната самоуправа на прашањето до каде е иницијативата за изградбата на новиот дел на Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово одговораат дека општина Тетово целокупната документација уредно ја има доставено до Министерството за образование и наука .

– Со оглед на тоа што поголемиот дел на буџетирањето паѓа на товар на ова министерство се чека следниот чекор што треба да се преземе од Министерството за образование и наука, се вели во одговорот од општина Тетово.

Министертвото за образование и наука не достави одговор на прашањата околу постапките и процедурите.