1500 пациенти на дијализа – расте бројот на бубрежно болни

Расте бројот на пациенти со бубрежни заболувања. Дури 1500 граѓани во земјава се лекуваат со дијализа, а секој десетти има акутна или хронична бубрежна слабост. На светскиот ден на бубрегот лекарите алармираат – прекумерната тежина, дијабетот и хипертензијата се најчести причинителни на бубрежни заболувања. Податоците на здравствените власти покажале дека една третина од пациентите кои завршиле на дијализа имале дијабетес.

Во земјава расте и свеста за донирање на органи од починат донор. За последните три месеци дури 6 пациенти кои со години оделе на нефрологија добиле бубрег од кадавер. Дополнително кај 20 пациенти била извршена трансплантација од жив донор. Уште осум пациенти од дијализа наскоро ќе добијат нов бубрег.

Инаку, според последниот извештај на Интернационалниот регистар на донирање на органи, земјава е деветта во европски рамки во делот на трансплантација од жив донор.

Биљана Божиновска