15 компании во Македонија ќе одгледуваат марихуана – меѓу најголемите инвеститори роднини на премиерот

Владата издаде лиценци на 15 компании со домашен и странски капитал кои одгледуваат канабис за медицински цели, со вкупна инвестиција од над 40 милиони евра и околу 300 нови вработувања. Премиерот на официјалната Фејсбук страна објави цела листа на компании. Новите фабрики каде ќе се произведува марихуана ќе се градат во Скопје, Гостивар, Карбини, Кочани, Валандово, Струмица.

– Станува збор за следниве компании и производства: Каба Хербал во Кочани, Оаза алкалоиди во Карбинци, Медицал 420 во Битола, 5 летерс во Ресен, Мам во Свети Николе, АЦПВ во Гостивар, Фарма Медика Канабис во Валандово, Ф&M 2017 во Гостивар, Фармароли во Скопје, Греен лифе во Валандово, Канабис про во Струмица, Т.Х.Ц. Куалити гроуп во Росоман, Хелтх медикал солутионс во Гевгелија, Бул-Билдинг во Струмица и РСБ солутионс во Карбинци, пишува Заев на Фејсбук.

Од Владата денеска ја објасни постапката, како токму овие фирми добиле дозвола да произведуваат канабис. Целиот процес, велат од таму, траел шест месеци.

Премиерот претходно призна дека овој бизнис во Македонија го превзема токму неговиот братучед Трајче Заев, кој ја има купено оранжеријата “МАМ“ која има дозвола од Министерството за земјоделство за производство на маслото за канабис за медицински цели. Оваа компанија е основана во 2011 за да одгледува зеленчук, но за неколку години почна да одгледува и марихуана. Уште еден негов братучед ќе заработува големи пари од овој бизнис. Бобан Заев е косопственик на Фарма Медика Канабис.

За премиерот нема ништо спорно во тоа што негови роднини се вклучени во овој доходовен бизнис.

– Имаме лиценца дадено за медицинско масло од марихуана со 300 вработени засега, со над 100 милиони евра вкупен приход кој што го остварува, рече Заев.

Инаку, одгледување на марихуана за медицински цели е прилично ликвиден бизнис со огромна заработка. Според проценките, за едно инвестирано евро, се враќаат десет.

Борис Грујоски