14 животи згаснаа во сообраќајката кај Карпалак – денес и утре денови на жалост

Бројката на загинати по стравичната сообраќајна несреќа близу
Ласкарци се искачи на 14, соопшти доцна синоќа премиерот Зоран Заев, по завршувањето на вонредната владина седница.
Седум починале на лице место, 37 се хоспитализирани во „8 Септември“, од кои шест починале. Во „Свети Наум Охридски“ починало едно лице, две лица биле пренесени во Тетово и се во добра состојба. Едно лице е на домашно лекување во Гостивар и во „Мајка Тереза“ се осум лица од кои три се со сериозни повреди.

Според министерот за здравство Венко Филипче, четири пациенти се на интензивно лекување во ГОБ „8-ми Септември“. Тие се во критична, но не и во животнозагрозувачка состојба. Три пациенти се на Клиничкиот центар, врз нив моментно се врши хируршка интервенција и тие се со повреди кои не се животозагозувачки, иако критични.

Денес и утре, 14 и 15 февруари, ќе бидат прогласени за денови на жалост.

Во најбрз можен рок, дополни, ќе бидат познати причините за несреќата, а според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, увидот на местото на несреќата продолжи и утрово.

Автобусот се движел на релација Скопје – Тетово. Засега не се утврдени причините, а истрагата ја води надлежниот обвинител. Автобусот поминал директно на спротивната страна, влегол дури на регионалниот пат, паднал на регионалниот и понатаму, по регионалниот пат, во делот на удолнината.

Возачот на автобусот кој е во сопственост на компанијата „ДурмоТурс“ од Гостивар, се наоѓа во „8-ми Септември“ и разговарал со претставниците на институциите. Неговата здравствена состојба е стабилна, истакна министерот.