Нема настава на Институтот за филмска академија Охрид, студентите стравуваат дека ќе останат без диплома

Филмската уметност, пуста желба на идните филмски уметници кои се подготвуваа за големи предизвици, запишувајќи се на Институтот за филм-филмска академија Охрид. И покрај големиот интерес за студирање на оваа јавна научна установа,годинава не беше објавен конкурс за упис на академијата на која барем до лани, можеше да се студира режија, филмско сценарио, креативна продукција, кинематографија, постпродукција на слика и звук.

Група студенти кои го отпочнале своето образование на институтот за филм,а се плашат да зборуваат пред камера, испратија допис до нашата редакција во кој стои дека според нивните информации, поради тоа што министерството за образование не им ги испатило платите на професорите за последните 5 месеци,тие не доаѓаат на работа,а на студентите нема кој да им држи настава. Тие стравуваат дека ќе останат без дипломи.

-Ние студентите,понатаму стои во дописот,бараме да ни се овозможи да си ја продолжиме академската годината и да го завршиме факултетот што сме го одбрале.Тие навеле и дека годинава немаше уписи за прва година на Филмската академија.

Предавалните се празни, настава нема а од Институтот за филм никој не сака да зборува пред камера и да каже што се случува на Академијата која беше отворена пред 3 години. Од Институтот кусо, велат дека секој момент очекувале насоки од ресорното министерство.

Дали ова значи дека се укинува Академијата за филм во Охрид и на што се должат актуелните случувања таму-за ова побаравеме информација и од министерството за образование.

За илустација,само лани, учебната година ја започнаа 44 студенти од 15 земји, а за 29 постдипломци беше обезбедена школарина во вредност од 9.000 евра.

Охридската е најмладата филмска академија во земјава основана во 2015 година.Академијата нудеше висококвалитетно образование, бидејќи предаваа врвни професори кои својот професионален пат го поминувале на славната Академија за филмска уметност во Прага. Од 43 професори на академијата 39 доаѓаа од Прага, а 4-ца беа македонци.Охридската филмска академија е технички врвно опремена институција, за создавањето филмски дела.

Росица Голабоска