135 нови вработувања во Град Скопје најави Шилегов, ама денеска калкулира: Може нема да се остварат

135 нови вработувања на определено планира Град Скопје за следната година, оваа најава ја аминуваше и  Советот на главниот град. Како е тоа возможно прашува опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во време на рецесија, ковид и економска криза, и пред се кога администрацијата итно треба да се намали а не зголемува? 

„Тоа се 135 плати за раководители, соработници, советници на Шилегов кој ќе ги плаќаат граѓаните. Еве дури се нашло и место за личен возач на Шилегов иако градот Скопје, по претходна изјава на самиот Петре Шилегов имало вработени дури 19 возачи, сега уште еден, истакна Арсовски. Замислете Шилегов на определено време ќе вработи и раководител на одделение за европски интеграции, поточно измислено место во градот за да може Шилегов да додели плата. По потрошените пола милион евра од Шилегов за макети во Зоолошка градина и украсување со лански лампиони, никој не знае колку ќе чини годишно вработувањето на овие 135 лица во градот Скопје, нормално сите избрани по партиски клуч од СДСМ? -изјави потпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Тоа биле само планови вели Шилегов на прашањето на Алфа. Не значело дека ќе се остварат.

-Конкретно за вработувањата би беше прашањето.

-План за вработување и вработување се различни категории..

-Затоа потенцирав најавените вработувања.

-План за вработувања и вработувања се различни категории. Значи вие може да имате план за вработување а да не реализирате меѓутоа согласно систематизацијата ги имате тие работни места.

Сепак виси дилемата: зошто воопшто најава и гласање на Советот за нешто што Шилегов, како што вели, може нема ни да се оствари. Тој тврди дека  од неговото доаѓање на позицијата градоначалник не се вработени повеќе од 20-тина лица.

„ Тие 20 вработувања се согласно систематизацијата. Ние го зголемивме бројот на инспектори за животна средина и комунални редари. Тука е најголемиот број на зголемувањето. Добиваме зголемен инспекциски надзор она што сериозно недостасуваше. За сметка на тоа сме ги намалиле 19-те обезбедувачи и шофери што ги имаше Градот Скопје“-вели градоначалникот Петре Шилегов.

Инаку, на официјалната интернет страница на Агенцијата за администрација огласот за новите вработувања во градот не е активен што може да значи дека допрва ќе биде објавен, дека поминал рокот за аплицирање, или пак дека истиот е повлечен.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста