127 милиони евра наплатиле извршителите лани oд должниците

Изврштелите лани наплатиле 127 милиони евра од граѓаните, фирмите и други должници, стои во Годишниот извештај на Комората на извршители. Застрашувачки е податокот, дека е реализирано само 55,69 отсто од предметите дадени за извршување.

Во извештајот се наведува дека најмногу пари се наплатени од фирмите 78,7 милиони евра. Од граѓаните 33,4 милиони евра, додека од државата се наплатени 15,9 милиони евра. Извршителите најдобрата наплата ја извршиле од Штип и Свети Николе со реализација на наплатата на долговите од 21, 12 отсто.Најслабо се наплатува долгот во Велес, Кавадарци и Неготино каде што извршителите реализирале само 5,81 отсто. Во корист на државата лани се наплатени 2,3 милиони евра, а во стопанството се вратени 103 милиони евра,  додека кај граѓаните завршиле 22,4 милиони евра.

Од комората уверуваат дека се скусува времетраењето на решавањето на предметите, сепак граѓаните се жалат дека со одоговлекување на реализацијата на предметите од нив се цицаат дополнителни пари за камати и други издатоци.

Од Конфедерацијата на синдикални организации , пак, реагираат дека овој децениски грабеж мора да престане, на 22 јуни неколку здруженија поднесоа  6 предлози до владата, меѓу кои и да се укине  казнената камата,  до крајот на месецот тие очекуваат од владата конкретни мерки, како што велат, ако не бидат исполнети нивните барања најавуваат протести низ цела држава

Досега, различни  здруженија организираа  протест како знак на револт на работата на извршителите, собираа потписи и бараа запирање на присилната наплата, ревизија на работата на извршителите, нотарите и доверителите, како и утврдување на реален и нереален долг. Анкетата спроведена во синдикатот пред два месеци покажува дека секој втор граѓанин има проблеми со извршители. Инаку, во земјава се регистрирани 97 извршители кои се распоредени на 11 подрачја на основните судови.

Јована Грчева