120 денари чашка ракија, 200 денари домат салата – Ручекот во кафеана стана луксуз

Семеен ручек во кафеана стана луксуз. Угостителите со новижешки цени во менијата. Чашка ракија во најпосетуваните скопски меани ако некогаш беше 50 денари, сега се продава од 70 до 120 денари. Салатата од домат достигна 200 денари. 10 гебапи од 150 сега чинат 300 денари, додека пак парче месо под 220 денари тешко е да се најде. Граѓаните регираат, во кафеана во денешно време ретко кој може да влезе, а во ресторан одат само на свадба.

Угостителите признаваат. Намален е бројот на гости во кафеаните ама тоа според нив се должи на високите цени туку на короната. Велат, цените мора да одат нагоре бидејќи и набавките и сметките за струја им се драстично зголемени.

– „Денеска сме сведоци дека најголем дел од угостителите мора, не затоа што сакаа, затоа што беа приморани да ги покачат своите цени. Енергенсите. Снабдувањето со електричната енергија која што порасна двојно од претходните сметки, значи, покачувањето на земјоделските прозиводи, кои што во однос на минатите години се драстично зголемени, да не ги заборавиме млечните и останатите производи, кои што веќе не можеме да ги набавуваме по тие цени кои што беа, допринесоа сите едни продукти, да значително да ги зголемат цените на своите услуги.“ – Вели Здравко Јосифовски од независна угостителска комора.

Трендот на поскапување го потврдуваат и податоците на државниот завод за статистика. Според индексот на цените на угостителските услуги во јули годинава, во однос на истиот месец лани, тој е зголемен за 15.9%. Поради што, дури и оние кои ги задржале старите цени, наскоро ќе мораат да поскапат.

Дојде време кога не секој може да си дозволи ручек во ресторан.
Граѓаните со кои разговаравме велат дека со просечни примања не можат да излезат од дома, а камо ли да ручаат во ресторан.

Никола Цветкоски