118 години од смртта на Гоце Делчев- македонската власт денес преговара за неговиот идентитет

118 години од смртта на еден од најголемите македонски национални херои Гоце Делчев, човекот кој својот живот го даде за Македонија. Тој бил убиен на денешен ден во 1903-тата година од турската војска во селото Баница на пат кон Сер. По речиси 120 години од неговата смрт, денес Делчев е херој за кој преговараат македонските и бугарските власти, се договараат околу тоа дали бил Македонец или Бугар, иако неговата борба била за автономна, слободна и независна Македонија. Додека Бугарија уценува, македонскиот премиер Зоран Заев со својата реторика, само ги влошуваше позициите на Македонија во овие преговори. Го прогласи Делчев и за бугарски, покрај македонски херој.

-Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кој што се борел и за слободата на Македонија и за Одринско и за се и тоа е апсолутна реалност, изјави Заев.

-Одличен мегдан е нашиот заеднички историски јунак, Гоце Делчев, изјави Заев.

-Да го немаше Гоце, ќе требаше да го измислиме, да биде мост на пријателство меѓу двете земји, изјави Заев.

По неговата смрт, на иницијатива на началникот на серскиот гарнизон Тефиков, била дадена наредба неговото тело да се однесе во серската општина и таму да се погреба. Но, и од Солун била испратена заповед телото на Делчев да се врати во селото Баница и таму да биде погребан. Три години подоцна, моштите на  Делчев биле откопани од страна на неговиот соборец Михаил Чаков и ставени во олтарот на црквата во селото Баница, а во 1917 година тој самоиницијативно ги пренел во Софија. Ги чувал во неговиот дом  до 1923 година. По ослободувањето на Македонија, моштите на Гоце Делчев ставени во специјален резбан саркофаг, на кој била испишана пораката „Го заколнуваме поколението, овие свети коски да се однесат во престолнината на слободна и независна Македонија“, ги презела Илинденската организација. Потоа со останките бил изложен во црквата „Света Недела“ во Софија. Илинденската организација во Софија повеќе од четврт век ги чувала моштитe на Делчев, сè до октомври 1946 година.

Тогаш во договор меѓу македонската и бугарската власт, моштите на великанот тргнале на патешествие од Софија кон Скопје. На 10 октомври пред 74 години во црквата „Свети Спас“ со сите државни почести и пред повеќе илјади граѓани од цела Македонија, биле положени моштите на најистакнатиот македонски револуционер. А при нивното праќање кон Скопје, бугарските медиуми тогаш напишаа: „Од сега па натаму ќе почива во Скопје- главниот град на земјата за која тој го даде животот.

Визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста