11 повредени при директен судар меѓу Минибус и „Пунто“ во центарот на Прилеп

Единаесет повредени, од кои двајца потешко е билансот од синоќешната стравична сообраќајна несреќа која, околу 22.10 часот се случи во центарот на Прилеп, на крстосницата од улиците „Александар Македонски“ и „Димо Наредникот“. Според портпаролката на СВР Битола, Сања Стаматова, во сообраќајката учествувале „Фиат Пунто“, со прилепски регистарски таблички, управувано од 54-годишниот С.Д. и минибус „Мерцедес Спринтер“, исто така со прилепски регистарски таблици, а управувано од 30-годишниот прилепчанец И.В. кој превезувал работници од една прилепска, текстилна Компанија. Во директниот судар меѓу двете возила, со тешки телесни повреди се здобол возачот на „Пунтото“, како и неговиот сопатник 44-годишниот прилепчанец со иницијали Д.Ј. Со нешто полесни повреди се здобиле и 9 патници од Минибусот. На сите повредени укажана им е лекарска помош во прилепската Општа болница, каде итно биле превезени со две санитетски возила.

На местото на стравичниот судар, увид извршил Јавен обвинител кој треба да ги утврди причините кои довеле до несреќата. Неофицијално, според изјавите на очевидците, возачот на „Пунтото“, најверојатно бил во алкохолизирана состојба, бидејќи пред сударот се движел со огромна брзина.

Инаку, за два дена, ова е втора потешка сообраќајка во Прилеп и тоа на истата сообраќајница. Тогаш, тешко беше повредена 29-годишна девојка, прилепчанката К.Ј., откако во неа, со своето патничко возило „Опел Астра“ удрил 54-годишниот З.Н. од Прилеп. Од ударот, девојката се здобила со тешки телесни повреди и е хоспитализирана во прилепската болница. Истрагата и за оваа несреќа е во тек.

Каролина Дурло