Високи казни и до 10.000 евра за газдите кои вештачко ги зголемуваат цените по маркетите, продавниците за облека, мебел, парфимерии. Новиот Закон за потрошувачи, кој беше донесен, се чека да стапи на сила по негово објавување во „Службен весник“. Надлежните очекуваат овој закон за потрошувачи да стави крај на нечесните трговски практики, а просторот за манипулации со цените на храната ќе биде сведен на минимум.

Ќе им се стави ли крај на трговските трикови со лажните попусти кои ги преплавуваат излозите од дуќаните. Новиот Закон за заштита на потрошувачите превидува казни до 10.000 евра за трговските измами кон потрошувачите, продажба на стоки со истечен рок или за наводен неколкукратен попуст, како и парична глоба, до забрана за работење на маркетот, салонот за продажба на облека, мебел итн.

Граѓаните реагираат дека никој ништо не почитувал, и самите газди си ги лепеле цените од ракав. Ниту новиот Закон, ниту високите казни, велат, нема да ги спречи измамите кои не стивнуваат.

Сезонско намалување на стоки и услуги, пресликано од Европа, кај нас ќе може да има само двапати годишно. Акција за еден или повеќе производи во продажни салони, продавници, маркети, ќе трае најмногу 30, а промоција 8 дена, предвидува новиот Закон за заштита на правата на потрошувачите, со што ќе се сопре чистењето „ѓубре“ од магацините и рафтовите, и ќе спречи нелојална конкуренција и профит. Дека тоа е така, доволно е да се направи една обиколка низ поголемите трговски центри и да се види дека тоа е така.

Според законот, трговците можат да направат сезонско намалување на стоките и услугите само два пати годишно, во лето и во зима, кое ќе трае по еден месец.

Законот го регулира и ставање во промет на стоки на кои што им изминува рокот на употреба, финта на која се збогатуваат не само гранапите во малите места, туку и познати маркети, парфимерии и слично.

  • Трговецот е должен при ставање во промет на стоки на кои што им изминува рокот на употреба физички да ги одвои, како и јасно, видливо и читливо да ги означи дека им изминува рокот на употреба“, пишува во новиот Закон.

Почетокот на попустот мора да се означи со датум. За време на попустите производите можат да имаат залепено само две налепници со цена – највисоката и онаа на која се снижува. Стоките или услугите ставени на акциска продажба мораат да бидат јасно, видливо и читливо означени со зборовите „акција“ или „акциска продажба“.

Новиот Закон за потрошувачи се чека да стапи на сила по негово објавување во Службен весник и предвидува глоба за од 500 до 1.000 евра за микро фирмите и 150 евра за одговорното лице. Највисока е казната за големите трговци кои се движат од пет до десет илјади евра и 500 евра за одговорното лице.

Борис Грујоски

Advertisements

Поврзани вести