10 министри Албанци, седум Македонци: Како ќе изгледа Владата ако се договорат Ковачевски, Ахмети и Таравари?!

10 министри Албанци, 7 министри Македонци. Вака ќе изгледа македонската Влада ако Алијанса за Албанците влезе во владината коалиција. Тоа го покажуваат коалицоните математики, судејќи според шпекулациите познати во јавноста.

Според она што неофицијално го прифатиле Ковачевски и Ахмети, Таравари треба да ги добие министерските места во правда, здравство, информатичко општество и министер без ресор за дијаспора.

Изутрината В.Д. првиот човек на Алијанса, Арбен Таравари за дел од медиумите демантираше дека преговара за да влезе во влада. Но ова не го вели Ковачевски. Тој, парктично потврдува дека преговори има, ама оти се уште ресорите не биле тема на разговор.

-Сите оние полтички партии кои што ги делат вредностите на нашата коалиција која практично ја формира Владата, за продолжување на европскиот пат на Владата, влез на Македонија во ЕУ бидејќи друга алтернатива немаме, тогаш за такви политички партии вратата во Владата е отворена. И додадов и дека за конкретни ресори и преземање одговорност не е разговарано, изјави Ковачевски.

Дека со успех ќе завршат разговорите со Алијанса, се надева и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.  

-Се уште е во фаза на почетни средби и нема ништо конкретно дефинирано во оваа насока. Се очекува одржување на наредни средби во оваа насока. Нормално дека би придонело многу за остварување на една конструктивност, на една стабилност на парламентарното мнозинство доколку има позитивиен епилог целиот овој процес, изјави Ахмети.

Евентуалниот влез на Алијанса во Влада значи излез на Алтернатива, па нивните две министерски места ќе заминат кај другата албанска партија, од едно свое место ќе се откаже ДУИ. Ахмети ќе го даде информатичко општество, а Никола Тупанчевски ќе замине од правда.

Ваквите математики покажуваат дека Албанците ќе имаат три министерства повеќе од Македонците, дел од нив и клучни ресори. Во рацете на ДУИ веќе се финансии, економија, надворешни работи, образование. Во рацете на Алијанса пак би преминало здравство. 

Влезот на Алијанса во Владата ќе значи дека владиното мнозинство ќе изгуби четири од моменталните пратеници, односно фракционерите во ДУИ. Тие најавија дека би настапувале надвор од коалицијата при такво сценарио.

Новинарот Џенур Исени вели дека ваквото сценарио е очекувано, бидејќи сепак Ахмети и Ковачевски на крајот би добиле четири пратеници повеќе.

-Ако правиме споредба околу пратениците, четири има огнената група, а од друга страна ќе влезат осум од Алијансата на Албанците. Но, на крај мислам дека и покрај револтот кој го изразуваат јавно, огнената група ќе гласа како што ќе им каже лидерот, односно Ахмети, изјави Исени.

Според досегашните неофицијални информации Алијанса ќе ги земе кормилата во МЕПСО, ПИОМ, АД Железници, Управата за матични книги, Агенцијата за странски инвестиции, Инфективна клиника, како и Управата за заштита на културното наследство. Градоначалникот на Гостивар ги побарал и директориските мста во Државниот санитарен и здравствен инспекторат и просветниот инспекторат, но засега на ова не се согласиле СДСМ и ДУИ, се уште неофицијално.

Матеја Петровски

Advertisements