Џафери призна дека Собранието е блокирано и не гледа начин како да го реши проблемот

Само 88 работни дена на Собранието за 2022 година или 39 нови седници – бројни важни закони не ги поминале ниту собраниските филтри, блокади, повеќе навреди и клевети, помалку ефективна работа – ова се само дел од работите кои ја одбележаа собраниската година. Најголем предизвик за следната година остануваат уставните измени, за кои првиот човек на Парламентот не сакаше да открие дали постои сценарио да се оди на избори па уставните измени да се остават на идниот пратенички состав или да се усвојат измените па да се оди на избори. За блокадите во Законодавниот дом ја обвини опозицијата.

Предизвик беше после одлуката на ВМРО-ДПМНЕ активно да ја блокира работата на Собранието. Секако дека создаде нова ситуација во начинот на работа на Собранието. Ненавикнати на таа ситуација моравме да се прилагодиме кон таа состојба. Од контекст на одлуката, секако, тоа е демократско политичко право на демократски субјект да учествува во политичкиот живот да има политичка одлука како ќе делува во Собранието – вели Џафери.

Според податоците на Џафери, најмногу незавршени точки има собраниската Комисија за образование и наука – десет, а потоа следуваат комисиите за здравство со девет, за политички систем и односи меѓу заедниците, за надворешна политика, за надзор над мерките за следење на комуникациите со по осум точки и за финансирање и буџет со седум закони. За ова се виновни пратениците и од власта и од опозицијата.

Денеска се одржа и седница за пратенички прашања каде една од главните теми беше скандалот во АНБ со македонското државјанство на Олександр Онишченко.

За нефункционалноста на Собранието не гледа решение ниту претседателот Џафери. Дали 2023 година ќе биде поуспешна собраниска година, останува да видиме. Собранието беше мета на критики и на Европската Комисија во последниот извештај за напредоков на земјава.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста