Џафери не смета дека Собранието треба да расправа за влошените односи со Бугарија

Седница за македонско-бугарските односи на која министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе реферира не е потребна – смета првиот човек на Парламентот, Талат Џафери. Ова прашање се наметна откако Официјална Софија закажа ваква седница во бугарското собрание, па ја откажа бидејќи техничкиот министер Николај Милков не се појавил па поради тоа точката „сослушување на министерот во врска со напад врз Бугари во Македонија“ беше тргната од дневен ред. Можеби не гледа потреба за отчет на Османи пред пратениците, но Џафери е оптимист дека ако процедурата за уставни измени почне најдоцна до јуни-јули, би завршила до ноември кога завршува и скринигот од Европската унија. Како тоа ќе се изведе, останува отворено прашање ако се има предвид дека собранието често пати овој месец имаше проблем со обезбедување кворум од 61 пратеник за обични седници. 

Џафери не гледа решение во предвремени избори, туку тоа дополнително ќе ја искомплицирало работата. За тоа како да се надмине проблемот со мнозинството претседателот на Собранието вели, власта и опозицијата да седнат да разговараат.

За да се спроведат Уставните измени до ноември, процедурата би требало да почне најдоцна јуни-јули. Се зависи од тоа дали ќе се обезбеди двотретинско мнозинство. Не мислам дека избори ќе го решат проблемот со немањето доволно гласови за уставни измени, туку дека тоа ќе ја искомпилицира целата работа.  Јас можам да распишам избори само во моментот кога ќе се согласат политичките партии да се распушти Собранието или кога ќе заврши маднатот во последните 90 дена. Во други услови партиите треба да излезат со соодветен предлог – вели Џафери.

Собранието речиси и да нема кворум за работа, а Џафери вели дека тој прави се за да создаде услови за работа и оти тоа е единствена негова одговорност.  Сепак, оние пратеници кои не доаѓаат на седници, нема никаква законска обврска да ги казни бидејќи уживаат имунитет и се избрани од народот. Денеска се чекаше речиси два часа, да се приклучат уште двајца пратеници од владејачкото мнозинство за да може да се обезбеди кворум за да започне седницата, која 15 минути откако беше изгласан дневниот ред, беше прекината.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста