Џамбаски ни прорача дека мора да се урне македонизмот: Ковачевски без рекација- не видел таква изјава, ниту знаел кој е бугарскиот европратеник

Време е да се урне македонизмот, последниот бастион на Југославија која се распадна. Нов ден, нова серија провокации од Бугарија. Повторно во главна улога европратеникот Ангел Џамбаски. Изразува незадоволство што министерот за надворешни работи Бујар Османи, испрати осуда за отворањето на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“, именуван по докажан соработник на фашистичкиот режим. Нарекувајќи ги македонските политичари, политичари од крај Вардар, вели ништо не ја оправдува според него репресијата и омразата кон Бугарија.

-Ова, господине Османи, не е провокација туку факт. Години на коминтернски лаги и пропаганда не можат да ја променат историјата. И таа покажува дека бугарските чети биле пречекани како ослободители со цвеќиња и бугарски песни. Омразениот за сите Македонци Иван Михајлов вели: ‘Кога се отворија бугарски училишта во Македонија во 1941 година, таму немаше бунт и не се бараа други училишта’. Крајно време е политичарите крај Вардар да сфатат дека нивниот страв од колапс на лагата не ја оправдува омразата и репресијата кон Бугарите. Југославија се распадна, време е да се урне нејзиниот последен бастион – македонизмот, пишува Џамбаски.

Иако со своите изјави на тема Македонија, бугарскиот европратеник доста често знае да е главна тема во македонските медиуми, премиерот тврди дека не знаел воопшто кој бил Џамбаски, порачувајќи дека никој не може да го сруши македонизмот.

-Јас да ви кажам не знам кој е тој човек, а кога ќе ја видам изјавата може да ви кажам, изјави Ковачевски.

Ваквите навредливи зборови од еден европратеник не се единствени проблематични од бугарска страна. Повторно на сцена стапува и бугарската „Фондација Македонија“, која се финансисра со пари од државниот буџет на Бугарија. Сега од таму ни порачуваат дека ако не се укине прославата на 11-ти октомври, кога во Прилеп и Куманово биле нападнати бугарските полициски, Македонија нема да може да смета дека некогаш ќе биде дел од ЕУ.

-Комисијата за историја ќе стигне до овој период и ќе покаже дека 11 Октомври е криминално дело на 20 лица, чија жртва беше внукот на Дамјан Груев – Петар Дамев! Срамота и гнасотија е 80 години да се лаже цело општество, дека криминалното дејствие на 20 луѓе е „манифестација“ на „македонската волја за слобода“… Срам кој наскоро ќе биде ставен на крај!, велат од „Фондација Македонија“- Софија.

Покрај овие, кои доаѓаат директно од Софија, секојдневни бугарски провокации има и внатре во државава, каде досега се отворени културните клубови „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“. Овие клубови ги финансира здружение на приватно лице, но проблематично е што пари е можно да се дадени и од државниот буџет на Бугарија, каде за цели на Бугарите во Македонија и други четири земји само за годинава се предвидени 400.000 евра. Ковачевски вели дека ако бугарската Влада ги финансира клубовите, тој немал начин како тоа да го спречи.

-Ние можеме да разговараме, официјално барање за буџетирање во дурга држава, не знам како тоа изгледа, меѓутоа нормално е дека да разговараме може и јас сум разговарал дека треба да се градат мостови помеѓу државите и помеѓу граѓаните на двете држави, а не да се креира раздор, изјави Ковачевски. 

Отворањето на овие клубови официјално беше осудено и од македонскиот премиерот и од првиот човек на дипломатијата, но велат немале законска можност да го спречат. Дури сега се почнува со подготвување на предлог закон, со кој отворањето на овие клубови именувани по спорни историски личности би станало забрането.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста