Џабе скенирање сметки – МојДДВ не функционира, граѓаните револтирани

Веќе неколку дена системот на Управта за јавни приходи за скенирање сметки и поврат на данок работи на принципот „падни-стани“. Граѓаните не можат да ги скенираат своите фискални сметки и не можат да добијат поврат на ДДВ на потрошените пари.

Проблемите со апликацијата започнаа минатата недела кога бар код читачот престана да функционира затоа што лиценцата нe била обновена на време. Но, сега голем дел од корисниците воопшто и не можат да се најават.

Од управата велат дека апликацијата се ажурирала.
– „Тимот на УЈП, целосно е ангажиран, со цел во најкраток рок да се заврши овој процес на прилагодување на апликацијата. Вчера и денеска, беа направени дополнителни прилагодувања, очекуваме, веќе до крајот на неделата да се заврши процесот, по што ќе ги информираме корисниците од кога повторно ќе можат да користат напреден начин на скенирање“ – Велат за Алфа од УЈП.

Во меѓувреме, привременото решение на УЈП беше во ек на нов ковид бран да ги повикаат граѓаните во нивните простории, за скенирање да ги употребат бар-код читачите или киосците кои се поставени во просториите на управата.
Според УЈП апликацијата мој ДДВ ја користат над 460.000 луѓе, но најголем дел од нив тоа го прават само повремено.

Најголем дел од граѓаните со кои разговаравме велат дека воопшто не ја користат апликацијата МојДДВ. Сметаат дека максимумот од 1800тини денари за три месеци не ги мотивира доволно.

Бранот поскапувања ги осиромаши граѓаните, но ја збогати Владата. Повисоките цени значат и повеќе собрани даноци, пред се ДДВ. Пред три недели УЈП најави дека ќе го зголеми прагот на поврат преку апликацијата „Мој ДДВ“ на 2100 денари за три месеци, но, дури од идниот јануари, иако средствата што ги собира поради инфлацијата сега се многу поголеми.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста