Ќе има ли предвремени избори?

ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени параламентарни избори, ДУИ се чини дека тера предизборна кампања со слогани и собири, а СДСМ тврди избори немало да има годинава.

Лидерот на партијата, Мицкоски фрли повторно ракавица до власта – ајде на избори, не мора да има техничка влада. Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ понуди народно изјаснување најдоцна до крајот на јуни, за како што вели да се стави крај на коруптивното владеење на владата предводена од ДУИ, и она што останало од СДСМ.

– Нема потреба од техничка влада, нема потреба од тие 100 дена туку веднаш да одиме на избори. Тоа е мислам разумно. Ако зборуваме за есенски избори, тогаш овие луѓе ако ги прашате дали да има парламентарни избори па претседателски избори следната година, односно државата и бизнисот да бидат во грч повеќе од 10 месеци, сигурно ќе ви речат, не. Односно или сега предвремени избори или заедно во еден трошок претседателски и парламентарни избори, рече Мицкоски.

Дека избори треба да има, се чини дека наговестуваат и од ДУИ, каде веќе почнаа со објавувања на слоганот Да, тој доаѓа, најверојатно алудирајќи на првиот премиер албанец. Претходно министерот за надворешни работи Османи на собир на ДУИ најави дека за неколку месеци тие ќе го имаат првиот албанец премиер, што е симптоматично оти редовните избори се за 14 односно 16 месеци од денеска. Дел од експертите оценуваат дека расколот во паријата на Ахмети може да се запре само со избори, и затоа ДУИ ќе се обиде на мала врата периодов да предизвика избори.

Сепак премиерот Ковачевски вели предвремени избори немало да има, не сакаше да го коментира слоганот на ДУИ, оти вели дека тоа бил за партиски потреби, а за премиер албанец вели тоа е веќе познато на 100 дена пред редовните избори  ќе се реализира. За повикот на Мицкоски за избори, Ковачевски вели ..

Јас имам еден внук Никола. Му велам: Земи книгата, учи работи за да напредуваш, а тој ми вика купи ми Плејстејшн. Ова ме потсетува на однесувањето на Христијан Мицкоски кој како мојот внук Никола наместо да се фати за работа, бара да му купам плејстејшн. Сметам дека и тие треба повеќе да се посветат на работа во општините. Предвремени избори нема да има – истакна премиерот Димитар Ковачевски.

Инаку наредната година ако изборите се во редовен термин би требало да се одржат во јули, а претседателски во април, дали ќе бидат на ист трошок или пак идната година ќе има два пати гласање останува да видиме. А можеби Ковачевски сепак ќе се премисли па годинава ќе се бира нова извршна власт.

Meри Симоновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста