Ќе имаме ли доволно гас и струја – граѓаните стравуваат, надлежните смируваат

Државните електрани се уште прибираат и разгледува понуди за набавка на природен гас за радијаторите да не останат студени среде зима. Парно сигурно ќе има за уште една недела, а што ќе се случува веќе од следниот месец – компанијата ќе соопшти во текот на следната недела. Граѓаните се во прашалници што ако државата не ги обезбеди потребните количини. Стравуваат дека ќе мора да се догреваат на друг начин што дополнително ќе им го оптовари буџетот.

  • Ние и сега се догреваме, еве јас на пример имам клима, сега иако надвор е подобро, дома сепак е ладничко, не може без греење. Оптимисти сме дека ќе е добро, но сепак ставуваме од тоа што се тактизира околу набавката на гас, за оние кои се топлат на парно, велат граѓаните пред камерата на Алфа.

Кризата во меѓувреме удира сериозно. Надлежните признаваат дека е тешко, но уверуваат дека правеле се за да се обезбедат доволни количества на енергенси. Барем за струјата, граѓаните можат да бидат мирни оти домашното производство ќе ги обезбедело потребните количини:

  • Ова е вистинскиот одговор на кризата кој оваа Влада го дава. Рековме дека заеднички, со заеднички сили ќе го пребродиме овој период и ова е како се преземаат сите мерки за да обезбедиме доволно електрична енергија, изјави вицепремиерот Битиќи.

Вицепремиерот потсетил дека штедењето на електрична енергија продолжува да биде одговорност за сите.

  • Продолжуваме со апелите за заштеда на електрична енергија и разумно трошење, време за опуштање нема, додаде вицепремиерот Битиќи.

Директорот Ковачевски изјавил дека е завршен ремонтот на термоелектраната и успешно е ставен во функција блок 1, а блок 2 континуирано е во функција.

  • Во наредниот период се очекува да пристигне и трансформаторот за блок 3 со што ќе може да бидат во функција сите три блокови за производство на РЕК Битола, изјави директорот Ковачевски.

Вицепремиерот Битиќи и директорот Ковачевски го посетиле и рудникот „ПЈС“ или поранешен „Суводол“ каде констатирале дека има значителен ископ на домашен јаглен за производството на РЕК Битола, а со тоа и зголемено производство на електрична енергија.

Уверувањата на власта сепак отвораат и дилеми, посебно ако се знае какви е генерално состојбата. Експертите, а и опозицијата уште одамна критикуваа дека надлежните ја дочекаа кризата неподготвени и дека се изгуби драгоцено време за да се произведе, односно да се обебзеди доволно количини на струја од домашно производсто и поевтин гас од увоз.  Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски постојано апелираше да се интервенира на време. Тој и директно се вклучи да помогне преку посредство за набавка на  поевтин гас и мазут што ќе донесе сериозни заштеди.

  • Во текот на вчерашниот ден позицијата која што го понуди концептот за снабдување на гас, да обезбеди гас достави понуда во АД ЕСМ поранешно АД ЕЛЕМ, јас ја имам таа понуда, знам која е и цената, знам која се условите, знам се и можам да кажам дека е многу, многу поповолна од таа која што беше купена од страна на владата за втората половина од месец октомври. Компанијата која што требаше да обезбеди ресурс како што е мазутот, ќе достави понуда во понеделник, отприлика цената ја знам и таа цена ќе се движи под берзанската цена натоварена со сите даноци, давачки, акцизи и сето останато на едно пристаниште кај нашиот јужен сосед, порача лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

Во неизвесноста околу текот на грејната сезона, дополнителен проблем е и промената на операторот, односно новата компанија снабдувач. Октомври речиси помина, а досега само 3800 или околу 7% од корисниците на парно услугите потпишале нови договори. За да се олесни постапката, договорите од сега ќе може и online да се симнат од веб страната на ЕСМ, да се потпишат, па да се вратат назад. Инаку, над 60.000 домаќинства во главниот град се греат на парно.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста