Ќе започне процес против Џафери: За неговиот заменик тој е најдобар претседател на Собранието

Талат Џафери го нема никаде да одговори за скандалозното однесување и ваквите зборови упатени кон обичните вработени во Собранието, но експресно демантираше дека ја сокрил средбата со делегацијата предводена од претставници од руската Чеченска Република. Веќе 10 дена јавноста чека одговори за пцовките на Џафери до вработените во Собранието, а на таа тема само молк, што не е случај и сега, кога за само неколку часа стигна реакцијата, во која се вели дека имало соопштение.

Во соопштението од Собранието објавено на осми јули 2021-ва година, не се наведени никакви заеднички проекти, туку само се наведува значењето на Муслиманите во Европа и Македонија, како и дека собранискиот спикер бил пример за мултиетничкото општество во државава.

-Пред одржување на средбата, според вообичаената пракса Собранието доби и позитивно мислење од МНР на Република Северна Македонија за одржување на средбата и информација дека делегацијата е примена од страна на Претседателот на Собранието на Србија, а во 2018 година од страна на претседателот Иванов, порачуваат од Собранието.

Став околу однесувањето на Џафери, не сакаше да даде ниту неговиот заменик Горан Мисовски, кој пак кажа дека неговиот шеф бил најдобар претседател на Собранието.

-Талат Џафери е најдобриот претседател кој воопшто досега Собранието го имало, така да се друго е одредена процедура, која што е во постапка и не сакам да давам коментар за да нема некакво друго влијание во овој процес најавен од ВМРО-ДПМНЕ. Но, ќе завршам тврдам дека Талат Џафери е еден од најдобрите претседатели на Собранието.

Додека во Македонија никаде не беше објавено дека биле планирани некакви заеднички проекти со гостите на Џафери, чеченските медиуми пишуваа дека во Тетово ќе се гради споменик во чест на првиот претседател на руската Чеченска Република.

-Делегацијата на муслимански лидери од осум земји на европскиот континент го посети и градот Тетово каде се наоѓа најпозната џамија во земјата Алаџи Џамијата. Делегатите најавија дека е постигнат договор со општинските власти- Ќе биде подигнат споменик на пријателството меѓу народите на Балканот и Кавказ. Споменикот ќе го носи името на првиот претседател на Чеченската Република, Ахмат Кадиров, стои во текстот на Грозни-информ.ру.

Веста дека Талат Џафери ја криел средбата ја објави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски. За средбата на ИВЗ со европскиот форум на Европскиот муслимански форум, нема никакво соопштение од верската заедница, а никакво соопштение нема ниту од Општина Тетово.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста