Ќе ги слушне ли власта молбите на матичните лекари пред најавениот 3-дневен протест?

Три дена, на 5, 6, и 7 септември матичните лекари нема да издаваат рецепти ниту упати во знак на протест. Револтирани се што до овој момент нивните барања не се исполнети од надлежите здравствени власти. Апелираат до пациентите оваа недела да си ги завршат процедурите за рецепти и упати, бидејќи следниот понеделник, вторник и среда нема да можат.

Имаат неколку барања. Еден од најголемите проблеми е што лекари нема, а министерот не сака да им го одложи пензионирањето. Стравуваат дека ако се пензионираат медицинските лица некои од приватните болници ќе мора да стават клуч на врата, па и тие кои не се за пензионирање – ќе останат без работа. А голем дел и од хирурзите во државава се над 60 годишна возраст.

– „За докторите имаме две/три барања. Покачување на капитационен бод, пациентите да бидат на матична амбулатна, тоа би биле тие две работи. Докторите кои што се концесиониери, оние кои што имаат закупи во здравствени домови, до сега беше пракса, министерот имаше право, да продолжи пензионирање до 67 годишна возраст. Сега гледаме дека овој министер нешто ја кочи работата“. – Истакна Мевљудин Куч, доктор по општа медицина.

Куч тврди дека најголем дел од нивните барање не се терет за буџетот, оти се само административни и технички.

– „Бараме извештај за хронична терапија, од специјалистите да важи неограничено. Сега важи три месеци, шест месеци или година дена, зависи како навел специјалистот. За тие три до шест месеци ние пак мора да го вратиме пациентот на специјалист, само да му ја продолжи терапијата. За да ја продолжи специјалистот таа терпија, ние му го заземаме терминот. Терминот кој што би можел да се искортси за стварно на некој пацент што му треба.“ – Додава д-р. Куч.

Ова не е прв протест на матичните лекари. Здружението на приватни лекари изминативе неколку години на неколку-пати организира едно-дневни протести. Оттаму велат дека сакаат да го избегнат словенечкото сценарио, затоа што ако решат да протестираат и само 7 дена, ќе се парализира целиот здравствен систем.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста