Ќе ви кажат другите: Знае ли премиерот Ковачевски што воопшто работи неговата Влада?!

Дали премиерот воопшто знае што работи неговата Влада? Знае ли премиерот дали со Бехтел и Енка сме потпишале договор кој само на име казнени пенали по еден основ, може да ја чини државата речиси 200 милиони евра пари на граѓаните? Ако се суди според неговите изјави Изгледа не знае на што ставил потпис,. Како што веќе му стана пракса Димитар Ковачевски и на ова прашање не одговори, ќе зборувал неговиот прв заменик Артан Груби.

-Сите прашања кои што се однесуваат на овој проект веќе имаше два пати брифинг на новинари на членовите на Управувачкиот комитет, исто така и на министерот за транспорт и врски, директорот на ЈП за државни патишта, заедно со консултантите кои што работеа. Се надевам дека таму беа одговорени сите овие прашања, доколку имате потреба за дополнителни прашања, ќе биде свикан уште еден брифинг, со цел да бидат разјаснети сите прашања, тоа е одговорот, изјави Ковачевски.

Молкот на Ковачевски е во моменти кога опозицијата обвинува дека власта потпишала договор со кој на Бехтел и Енка ќе им исплати неверојатни 196 милиони евра и тоа само по еден основ, доколку не се изгласа законот за 60 часа работна недела.

-Со еднократната од 53 милиони сега, цената вкупна расте за 136,5 милиони евра. На тоа ако не се смени законот за 60 часа неделна работа, уште 59.4 милиони евра, значи вкупно најмалку 196 милиони евра дополнително ќе треба да се платат во следните 5 години само и само по прифаќањето на еден услов – 60 часа работна недела!, изјави Наум Стоилковски.

За овие обвинувања молчи и самата партија на Ковачевски. Нема никаков одговор колку Македонија ќе треба да плати на основ пенали. Од партиската говорница само кажана беше веќе позната информација, односно колку пари ќе чинел овој проект.

-Изградбата на коридорите 8 и 10Д е најголемиот инфраструктурен проект во нашата држава, вреден 1,3 милијарди евра. 600 милиони евра од овие пари ќе завршат кај наши домашни компании. Гледаме дека со невистини и спинови Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ застанаа против реализација на овој проект важен за развојот на земјата, изјави Миле Талевски.

Додека Ковачевски и СДСМ молчат на темата пенали, реагираше ДУИ. Според нив ВМРО-ДПМНЕ ширеле хистерија во јавноста и го плашеле народот без никаква основа со замислени и измислени заговори и сценарија. Интегративците рагираат дека не исплатиле 53 милиони евра.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста