Љубомир Ѓурчевски за Алфа: Македонскиот безбедносен систем пред распад, доказ за тоа се нерешниот случај со дојавите за бомби и случајот Онишченко

Повеќе од месец дена македонските безбедносни служби не можат да дознаат кој ги пушта лажните дојави за бомби. Македонски пасош со амин од Агенцијата за национална безбедност, добива човек со црн печат во САД, кој дополнително во неговата Украина го бараат со потерница за перење пари, но и сомнежи за трговија со луѓе.

Овие два случаи се само дел од доказите дека безбедносниот систем во Македонија е на најниско можно ниво, вели за Алфа поранешниот началник во МВР, Љубомир Ѓурчевски. Според него посебен и голем проблем се дојавите за бомби во средните училишта, кои директно предизвикуваат страв кај граѓаните. Вели полицијата мора да го разреши овој случај и да открие конечно кој ги праќа тие дојави.

-Нашиот безбедносен систем, вкупниот безбедносен систем, во моментов ни е на стаклени нозе, односно доведен до највисок степен на негова нефункционалност, негова нарушеност. Криминалистичката полиција во соработка со јавното обвинителство, мора да е многу многу поефикасна во делот на откривање и собирање докази во делот на ова кривично дело кое што е во делот на тероризмот, затоа што се предизвикува огромен страв, огромна недоверба во безбедносниот систем, изјави Ѓурчевски.

Според Ѓурчевски посебно проблематична е вчерашната дојава за бомби, вели пораката дека нема да има материјална штета, но ќе има жртви треба да се сфати и повеќе од сериозно и службите да се фатат за работа, за што побрзо расветлување на овие случаи и казна за сторителите.

-Овој мејл вчера што беше мене дополнително ме загрижува, затоа што во мејлот се споменува дека нема да има материјална штета, но ќе има многу жртви. Тоа ми асоцира дека терористичкиве групи може да нападнат на јавно место, на јавна површина, на улица, во трговски центар, каде што има поголемо движење на луѓе и да дојде до жртви, изјави Ѓурчевски.

Кај Ѓурчевски постои сомнеж дека корупцијата е клучна во давањето македонски пасош на Олександар Онишченко. Вели и обичен аматер би го открил досието на Украинецот, за кого за волја на вистината информации може да се дознаат и со обично куцање на неговото име на Гугл.

-И Агенцијата за разузнавање исто така била должна да провери во Украина кој е, што е, како е од неговото раѓање со што се занимавал во Украина. Агенцијата за национална безбедност била со закон должна сето тоа да го провери, ако немала друг основ нека провери преку интернет што се ќе добие податоци на пример за Ѓурчевски, на пример за Петровски, а во случајов за Онишченко што се податоци ќе добиела, изјави Ѓурчевски.

Онишченко не е прв и единствен сомнителен случај кога македонските патни исправи се во прашање. Пред две години силно одекна скандалот дека македонските пасоши со туѓ идентит добиле светски барани криминалци, обвинети а дел и осудени за трговија со дрога, меѓу кои беа Седат Пекер, Јован Вукотиќ, Валид Иса Хмаис, Флоријан Мусаи, Стефан Ѓулиќ и Жељко Бојаниќ.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста