Јакимовски: Лошо и неквалитетно градење – Причина за уривање на плафонот од градинката во Карпош

Премногу набивани штрафови, погрешно растојание на гипс -таблите, штедење на материјали и несоодветна монтажа на плафонот се дел од причините за уривање на кровот на градинката во Карпош викендот што измина. Граоначалникот Јакимовски најави дека ќе побара дополнително вештачење и експертско мислење.

„Се плашам дека може да се урне целиот таван од оваа градинка направена во 2019 година. Ќе побарам измени во буџетот и итно да видиме што ќе кажат стручните лица, како да извршиме санација“- Додаде Стевчо Јакимовски, Градоначалник на Општина Карпош.

За среќа, на детските масички и столчиња за викендот не седел никој, поради што инцидентот помина без повредени деца или негувателки.

Инаку, за овој дел од градинката власта на СДСМ дури во 5 наврати организираше настани за да се пофали со објектот. Почнаа од темели, па правеа увид, ја следеа изградбата, па на крај организираа свечено отворање. На овие настани се фотогравираа поранешниот премиер Заев, екс-министерките Шахпаска и Царовска, и тогашниот градоначалник на Карпош, Стефан Богоев.

А вчера во градинката немаше вода. Ниту чешмите, ниту тоалетите не беа во функција. Зад нашата камера, вработените велат дека тоа е честа појава и се случува без најава. Претпоставуваат дека причина се градежните активности околу градинката.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста