Јавноста врие: Смрт на жена заради интрахоспитална инфекција во прилепската болница е најмалку трагично

         „Во 21 век, во регионална болница на еден од поголемите урбани центри во Македонија да ти се случи интрахоспитална инфекција со бактерија која сме ја среќавале само во нашите книги и тоа напишана со мали букви и при тоа заради ваквиот недозволен пропуст да ти почине млада жена е повеќе од жално, трагично, нестручно, непрофесионално. Под итно да се испита случајот и да се казнат одговорните. Сочуство до семејството на починатата. Господ нека ја прости“ – е реакцијата на д-р Андон Чибишев од скопска Токсикологија, откако вчера Алфа го откри скандалот со можното присуство на бактеријата „serratia“ во прилепската Болница, пришто и една пациентка почина од сепса.

   Дека оваа бактерија во денешно време е вистинска реткост, изминативе денови ни потврдија и дел од лекарите во Болницата, кои тврдат дека таа најчесто се појавувала заради нехигиенски услови или заради нередовна и нестручна стерилизација. Овие сознанија ги кренаа на нозе и граѓаните, особено оние кои се лекуваат во прилепската Болница. Тие, бурно реагирајќи на социјалните мрежи укажуваат, секој со своето искуство, дека во Болницата хигиената никогаш и не била на потребното ниво.

  „Не е прв пат, пред повеќе години од сепса после успешна операција на Ортопедија, почина наш близок, и никому не му фали влакно од главата. Никаква одговорност од никого немаше“, „Сличен ваков случај се случи и минатото лето, лекарот ја испушта оперираната пациентка со темепретаура и и вели дека тоа било нормално, а во меѓувреме раната исе отвора и и вадат 2 литри гној од неа и ткивото почнува да скапува. Беше јавна тајна дека пациентката имаше „мрса“. Само Господ ја спаси, оти лекарот си замина на годишен одмор“, се само дел од лавината коментари на социјалните мрежи.

    Според последните информации кои ги добивме, денеска во Болницата се чисти и дезинфицира секаде, по ходниците, собите, тоалетите, со стражарско ограничување на слободното движење и на вработените, и на пациентите. Нашите извори велат дека имаат сознанија дека во Болницата имало појавено и „мрса“, иако таа бактерија не била реткост при интрахоспиталните инфекции, но секако дека и таа укажувала на недоволна хигиена, велат тие.

  Инаку, од Болницата вчера информираа дека испитувањата за која бактерија станувало збор биле во тек, па затоа се уште не можат да кажат дали во Болницата во моментов ја има бактеријата „serratia“. Од вчера под клуч се и сите седум операциони сали.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста