Ѓоргиев молчи за тоа како повторно беше именуван за в.д. директор на Институтот за национална историја

Прв човек на комисијата за ревизија на историјата, директор на Институтот за историја повеќе од една деценија, академик во МАНУ, член на ад хок телото за имиња на здруженија и фондации. Драги Ѓоргиев е носител на бројни титули и надлежности, но очигледно не смета дека треба да има одговорност кон јавноста. Нема одговор за критиките насочени кон него.

Ова следи откако главниот историски преговарач со Бугарија, вчера доби нов, трет по ред мандат како в.д. директор на Институтот за национална историја. Дискутабилен избор кој го следеа многу критики. Беше именуван иако не ни беше пријавен на конкурсот.

Во игра беа двајца кандидати – проф. Митко Панов и проф. Катерина Младеновска – Ристовска, но при крајот на постапката интервенираше Просветниот инспекторат, наводно по добиени претставки.

Повеќето историчари од ИНИ се против повторниот избор на Драги Ѓоргиев, велат дека тоа е направено по партиски диктат зашто тој удоволувал на политичките барања од власта.

  • „На власта и треба човек кој што ќе ги извршува сите оние нејзини работи кои треба да ги извршува, а треба да има некоја маша. Јас него го доживувам како маша и комисијата која што е за образвони и историски прашања со Бугарија, исто така ја доживувам како маша, која што треба да ги исполни сите  очекувања на власта која што веројатно на Бугарите нешто им ветила“ – Истакна Проф. Д-р. Катерина Тодороска од Институтот за национална историја.

Според проф. д-р Катерина Тодороска бројните позиции и одобрени проекти кои ги добива Драги Ѓоргиев се награда од власта за досегашните историски концесии кои Македонија ги направи кон Бугарија со негов амин.

  • „Она што е многу спорно тука, е тоа што Драги Ѓоргиев на конкурсот не се јави како кандидат за дирекотр. Доколку сакаше да биде директор можеше, го имаше тоа право, никој не му го одзеде“ – Додава Тодороска

Драги Ѓоргиев солидно си ги наплатува услугите. Само како претседател на Комисијата за ревизија на историјата има наплатено над 80 илјади евра. Во оваа сума не влегува платата која ја добива од ИНИ, надоместоците од МАНУ, како и другите ангажмани кои ги има.

Под негово водство Македонија прифати дека Самоил бил бугарски Цар, дека светите браќа Кирил и Методиј, Свети Климент и Свети Наум се заеднички, регионални и европски значајни личности.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста