Штрајкот на матичарите останува на сила, револтот кај граѓаните расте, власта молчи

Матичарите штрајкуваат повеќе од два месеци, а засега нема најави дека нешто ќе се промени. Граѓаните не можат да ги добијат основните услуги како вадење извод на родени или починати. Се чека со часови само за да се поднесат потребните документи.

Чекаат со часови и на крај пак не завршуваат работа. Управата за матични книги во штрајк е веќе два месеци, а во Скопје и натаму работи само еден шалтер, до кој тешко се стигнуа. Со бројче в рака граѓаните чекаат пред одделението за да извадат извод на родени или умрени, односно да си ја пробаат среќата.

Вработените во Управата за водење на матични книги се жалат на бројни притисоци. Добиле писмена наредба од Централната управа со која се бара да потпишат дека нема да се вратат на своите работни места.

Ретко кој доби готов документ. Граѓаните се враќаа и по неколку пати. Револтирани се, зашто како што велат, во оваа држава ништо не функционира.

  • Овде ништо не функционира. Ова нее држава, ужас невиден сме. За еден извод да идат четири дена, на што личи тоа? И пак немам завршено работа. Катастрофа невидена сме, за жалење сме, ова само кај нас го има, вели револтиран граѓанин кој поради вакви ситуации со години не живее во Македонија.

Ниту граѓаните кои дојдоа да извадат државјанство за своите деца за упис во училиште, не завршија работа. Велат дремат со саати, за на крај да им кажат да дојдат друг ден. На други, пак, им кажале дека документите им се готови.

Иако од синдикатот на матичарите рекоа дека имало позитивни позитивни сигнали дека од Министерството за правда добиле ветување за зголемување на платите, сега нема ништо од тоа. Вработените во два наврати го блокираа главниот град, со цел да се чује нивниот глас, но бадијала.

Штрајот останува на сила. Доколку во скоро време не се решат барањата се најавува радикализација на протестите.

Освен Управата за матични книги, битка за повисоки плати води и Сојузот на Синдикати. И тие се закани со штрајк ако платите во јавниот и приватниот сектор не се зголемат за 2.806 денари.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста