Шести ден ни трага ниту глас од Мартин кој од саботата изчезна во водите на Егејското море

Шести ден ни трага ниту глас од Мартин Јовановски кој од саботата изчезна во водите на Егејското море. Потрагата продолжува со полн интензитет, но и натаму без епилог. Неговото семејство е во болка и исчекување, мајка му веќе неколку дена е на Халкидики во надеж дека нејзиното дете ќе се појави живо и во добра состојба. Се очекува да пристигне и неговиот брат кој кажа дека е спремен да направи се, само за да се најде Мартин. 

Неговиот брат ми рече дека ќе ги помести земјата и небото за да го најде својот брат, ќе мобилизира се што е потребно. Ни рече да бидеме спремни на се – Христос Рамос, прв човек на спасувачкиот тим ОФКАТХ

Спасувачките служби се со надеж дека со доаѓањето на нејзиниот втор син таа ке си ја врати силата и вербата дека Мартин сепак ќе биде пронајден.

Се надеваме дека доаѓањето на нејзиниот втор син малку ќе ја смири. Таа е жена која е сама во село и не го ни зборува локалниот јазик. Дури и некои нејзини роднини кои дојдоа од Северна Македонија си заминаа и таа е сосема сама, само со нас – Христос Рамос, прв човек на спасувачкиот тим ОФКАТХ

Од Министерството за надворешни работи на Македонија велат дека „како и досега во потрагата ќе бидат вклучени неколку брода на грчката крајбрежна стража, хеликоптер, како и возило на копно и волонтери од локалното население“. Иако според грчките закони потрагата треба да запре по 72 часа односно по три дена, македонското Министерство за надворешни работи (МНР) реагираше и потрагата продолжи.

Роднините на Мартин апелираат до граѓаните да бидат хумани и да помогнат финансиски бидејки истрагата носи многу трошоци сама по себе

Ова се премногу трошоци за семејството. На целата агонија со која се соочуваме, мора да се мисли и на финансиите, се плаќаат авионски билети, плус низа на други трошоци. Кога ќе пристигне мојот внук Горан, братот на Мартин, во Грција, ќе го чека спремно бротче, авион и брод за длабоки води. Сето тоа ќе го плаќа тој. Не знам што ќе се прави, што ли се ќе треба да продадеме за да се покријат овие трошоци, затоа и се бара помош од хуманите граѓани – раскажува Надица, тетка на момчето.

Иван кој втор беше пронајден после невремето отвори и донаторска сметка за да се соберат повеќе средства што ќе се употребат во потрагата по Мартин и да се олесни товарот на неговата фамилија, да не биде сама во оваа трагедија.

Бојана Златкова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста