Шестгодишно девојче почина додека примало инфузија – Родителите обвинуваат за лекарска грешка

„За смртта на нашата шестгодишната Јана, која беше здраво, право дете, ќе бараме лекарска одговорност. Девојчето ни заамина пред нашите очи додека лекарите, без готови резултати и’ даваа гликоза, иако им беше укажано дека шеќерот во крвта веќе и’ e 9“, – скршен од болка по загубеното чедо, ни изјави за Алфа, Стојче Христовски од битолско Кравари, татко на малата Јана, која вчера околу 13 часот почина во битолската Болница.

Родителите тврдат дека кога детето го донесле во Болницата немало температура и било контактибилно. Состојбата му се влошила откако ја примило првата инфузија, а веќе при обидот за да и’ инјектираат и втора доза инфузија, шеќерот се искачил на 19 и девојчето веќе загубило свест.

„Ние сето ова го гледавме преку стаклото. Докторите ги фати паника, се растрчаа, викнаа и анестезиолог, но очигледно веќе беше доцна за се’. Јана едвај мрдаше само со ноџињата, за по кратко време целосно да омалакса. Заневме дека е готово уште кај 13 часот, но нам никој ништо не ни кажуваше, се до 15 часот кога ни ја соопштија најсуровата вест за еден родител“, – со плачлив глас ни раскажува Стојче.

Телото на малата Јана е предадено на обдукција, по што, родителите ќе ги преземат наредните чекори за да ја откријаат вистината зошто го загубиле своето првородено дете.

Од битолската Болница пак, тврдат дека девојчето било донесено дехидрирано и со температура и дека било третирано само со инфузија заради дехидрираноста, но други лекарства не му биле дадени. Според директорот на Болницата, Александар Обедниковски, кој лично го известил Обвинителството за трагичниот настан, сега ќе се чекале резултатите одукцијата.

Во меѓувреме, сите лекари кои биле инволвирани во случајот треба да дадат и писмени изјави за тоа како и со што го лекувале детето.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста