Чудна бугарска математика: Сакаат 2.300 државни вработувања, а во Македонија има само 3.504 Бугари

Во Македонија се вкупно 3.504 Бугари, а од Алијанста на македонските Бугари сметаат дека треба да бидат дури 2.300 вработени во државна администрација. Ова е спротивно на бројките од последниот попис и балансерот за вработување во државната служба. Бугарите во Македонија се само 0,19 проценти, па толку проценти вработени им следуваат и во адмистрација. Или според балансерот, тие би требало да имаат само 245 од вкупно речиси 130.000 државно вработени.

Сепак самоосвестената бугарска математика е друга, барем според првиот човек на Алијансата на македонските Бугари. Драган Цветковски вели дека Бугари биле и оние кои имале двојно државјанство, иако не се чувствувале така.

-Бројката од 19 645  иматели на двојно државјанство Македонски Бугари, доаѓаме до 1,1% од резидентното население во РСМ, што по балансерот значи дека на Македонските Бугари во моментот им следуваат 2300 вработувања во државна администрација, по веќе постоечките закони во РСМ и тоа пред запишување на Македонските Бугари во Уставот, изјави Цветковски.

Интересни се и позициите кои според Цветковски треба да ги добијат Бугарите во Македонија.

-Има 1354 институции, што подразбира дека на членовите на АМБ-ДНЕС денес им следуваат 2 работни места, во оваа прва фаза профилот на работните места подразбира помошник министер, помошник директор, помошник началник, изјави Цветковски.

Целта на Алијансата на Цветковски е бројот на македонски Бугари во државната администрација да пораснел на речиси 30.000, колку што речиси е бројот на вкупно вработените во администрацијата. Се поставува прашањето дали целта на ваквата пропаганда е што поголем број Македонците да се запишуваат како Бугари со цел да добијат вработување, како што има случаи кога се запишуваат како  Турци, Срби, Роми, Власи за да бидат вработени во администрација.

-Затоа АМБ планира да го спречи тоа со  имплементација на Агенција за вработување во јавна администрација од редот на Бугарската заедница во РСМ . Преку Агенцијата до 2025 треба да се вработат околу 30 000 Македонски Бугари во институциите во РСМ, вели Цветковски.

Цветковски вели дека тие имале сомнеж дека во Македонија имало вкупно 300.000 луѓе со бугарска самосвест, иако на пописот ги имаше само 3.500. Оваа организација, и преку својот сајт ви нуди да аплицирате за работно место, па дури и прашуваат- дали можеби се гледате како министер, пратеник, советник во општина, обвинител, градоначалник, или пак ималте желба само да се вработите во државна администрација или да сте советник во самото здружение.

Според она што може да се забележи на нивната официјална интернет станица, образованието не е најважно, потребно од класификации е да се чувствувате како Бугарин.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста