Четири месеци по пожарот во Треска – Кривични се уште нема

Четири месеци по пожарот кај старата скопска фабрика „Треска“, сега пеплосана, се уште чека обвинителството да утврди дали станува збор за кривично дело, за полицијата да бара сторител.

„Согласно пристигнатиот вешт наод изготвен по наредба на јавниот обвинител, причина за пожарот е човечко невнимание. Јавниот обвинител работи на утврдување на вредноста на настанатата штета за да утврди дали во конкретниот случај се исполнети елементи на кривичното дело – Предизвикување општа опасност. Доколку се утврди дека се исполнети елементите на кривичното дело, постапката продолжува со откривање на сторител.“ – Велат од обвинителството за Алфа.

На прашање на Алфа, од Министерството за внатрешни работи велат, до обвинителството доставиле навреме извештај, па сега согласно законот за кривична постапка, преземале мерки, како што велат по насоки добиени од обвинител.

И општина Центар нема нови детали, иако и нивни општински инспектори го чешлале пеплосаниот терен. Состојбата таму ја споредија со Чернобил, апелираат за брзо и ефикасно расчистување на случајот. Велат, почнале да делат и решенија за отстранување на изгорените објекти.

„Откако заврши увидот на локацијата, Општина Центар доби зелено светло од МВР и ОЈО да продолжи со започнатите процедури за отстранување на објектите. Досега до општината има пристигнато барања за отстранување на објектите кои беа оштетени од пожарот и Општина Центар започна да издава Решенија за отстранување на објектите. “ – Истакнаа од Општина Центар.

И дури се чека со месеци обвинителството да реши дали ќе бара сторител или не, во јавноста се шират бројни шпекулации за тоа, како и на кој начин ќе биде искористен јавниот простор по расчистување на сега веќе изгорената фабрика.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста