Чепреганов за Алфа: Северна Македонија нема никаква историја, недозволиво е историјата да стане северна

Историјата на Македонија никако не смее да стане историја на Северна Македонија. Државата со новото име нема никаква историја, таа постои само пет години, вели за Алфа историчарот Тодор Чепреганов. Евентуална ваква промена би значела ограничување само на територијата на сегашна Македонија, откажувајќи се од националната македонска историја и се што било пред потписите на Никола Димитров и Никос Коѕијас. Историската наука за државата со името променето во Преспа може да се смета од 2018-та, кога беше потпишан Преспанскиот договор, се пред тоа би било избришано со евентуално прифаќање на ваков предлог.

-Во основа Северна Македонија нема историја, Северна Македонија го добива името во 2018-та, т.е. 2017-та година со потпишувањето на Преспанскиот договор. Значи со тој договор таа го променува името во Северна Македонија, од тогаш може да се каже условно историјата на таа држава, изјави универзитетскиот професор Тодор Чепреганов за Алфа.

Се поставува прашањето зошто никој од Комисијата за класификација на научните дисциплни не излегува пред јавноста да каже за што се разговарало. Чепреганов вели дека извештајот мора да биде објавен, со цел да се види дали се разговарало или не за ваков предлог.

-За да нема никакви шпекулации тоа тело што работи на Фраскатиевата класификација на научните области треба записникот да го достави до јавноста за да нема никаква забуна и да се шпекулира. Затоа што најлошото е ако не е така а се крие записникот, зошто не се обелоденува, зошто не се обнароди, изјави Чепреганов.

Вели дека ниту еден историчар кого историската наука му е главна во фокусот не би прифатил или предложил да постои историја на Северна Македонија, тоа евентуално би можеле да го направат историчари кои се поврзани со политиката, кои според Чепреганов за жал ги има последниов период.

-Никогаш не би прифатиле историја на Северна Македонија, затоа што со тоа самите се затвораме во еден мал географски регион, кој што како што реков нема историја, вели Чепреганов.

Инаку според информациите на Алфа, телото со компликувано име има предлог историјата на Македонија да стане историја на Северна Македонија. Според нашите информации во предлог – верзијата која е пред Комисијата воопшто нема област историја на македонскиот народ, а ако биде прифатена, тогаш македонската историја од средниот, новиот век и така натаму би станала историја на Северна Македонија во сите историски периоди.

Се уште никој од комисијата официјално не излегува со коментар за информациите објавени во медиумите. Никој не демантира, ниту потврдува, ниту пак кажува на состанокот зад затворена врата во предавланата 61 на Земјоделскиот факултет, се поставува прашањето дали се ова претставува пробен балон за пулсот на граѓаните на оваа тема, по што евентуално овој предлог би бил јавно објавен.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста