Црвенковска поднесе оставка од функцијата претседател во Судскиот совет

Четири месеци пред да и истече мандатот, Павлина Цевенковска поднесе неотповиклива оставка од претседателската функција во Судскиот совет.

Наместо да продолжи седницата за избор на членови на управниот одбор и комисии во Академијата за судии и јавни обвинители, Црвенковска кратко извести дека ја напушта функцијата, а ќе остане да биде член во Советот.

  • Ја известувам јавноста дека поднесувам оставка од позицијата претседател на Судскиот совет на РСМ. Веднаш по мојот избор на функцијата започна медиумска хајка со крајна цел да дадам оставка затоа што мојот избор за претседател не одговараше на група од судската – бизнис елита. До ден денешен хајката не престана преку пласирање лажни информации до новинари, а во континуитет се опструираа и намерно се одолговлекуваа внатрешните процеси во Советот, кои се од клучно значење за успешно завршени задачи и за функционирањето на судството“ – вели во соопштението од Црвенковска.

Седницата по прогласената пауза од Црвенковска при напуштање на салата не продолжи. Тензично помина и минатата седница на Судскиот совет кога членовите и се спротивставија на Црвенковска за списокот од 15 судии за клучни позиции во Академијата за судии и јавни обвинители.

Откако ги прочитала кандидатите од списокот, не сакала да им даде право останатите членови во Советот да предложат кандидати, но надвикана и нагласана од останатите попуштила, а седумтемина предложиле и изгласале и нивни кандидати, со образложение дека повеќето од нејзините не ги исполнуваат условите, поради судир на интереси.

Но, при гласањето членови го заборавиле судирот на интереси кај Зоран Герасимовски чие назначување е незаконско бидејќи на судиите избрани за членови во советот, функцијата им е во мирување. А еден од клучните услови да се биде член на Управниот одбор на Академијата, е избраниот да биде од редот на судиите. А со оглед на тоа дека Герасимовски е избран со вкупно осум гласа, седум на членовите, а осмиот глас си го дал сам на себе. Нејасно е зошто тој не се изземал од гласањето, а со оглед, дека има конфликт на интереси, а на тоа укажале дел од членовите, но мнозинството пресудило.  

Идентична ситуација беше и со Фиданка Рајевска која е член на Советот на јавни обвинители, а функцијата обвинител и е во мирување.

  • „На избраните членови на Советот од редот на јавните обвинители, додека им трае мандатот во Советот, им мирува функцијата јавен обвинител“, стои во член 7 од Законот за Совет на јавни обвинители.

Од Советот на јавни обвинители си дава свое толкување на законот, а и дел од членовите на судскиот совет имаат свое објаснување зошто изборот кој го прават е законски.

  • „Од редот на јавните обвинители. Не стои таму активни или обвинители на.. нема нагласување, од редот на јавните обвинители. Ние членуваме и во програмнскиот совет.. И таму стои дека ќе биде од редот на јавните обвинители.. Не можат да бидат оние кои се избрани од Собрание“, кажа Антонио Јолески, а на потпрашање: „Значи вие така го толкувате законот?“, тој додаде: „Не јас да го толкувам, така сите останати го толкуваат делот на законот, дека од редот на јавните обвинители. Дали јас се согласувам или не, тоа е мое лично мислење“ рече Јолевски во изјава по седницата на 14.11.2022.

Практично, ниту еден член во Академијата не беше избран без поголема врева.  Беса Адеми, претседателката на Врховен суд, стана дел од Академијата и покрај тоа што нејзината снаа за син е ученик, но Адеми не гледаше на тоа како конфликт на интереси. Таа дојде на функцијата откако новиот шеф на Организиран, Ислам Абази се повлече од Управниот одбор во Академијата бидејќи неговата сопруга треба да полага завршен испит до крајот на годината и да стане судија или обвинител.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста