„Црвениот поет“ останува во бункер – Агенцијата за филм се прогласи за ненадлежна за барањето на ТВ Алфа за емитување

Агенцијата за филм го крши договорот што самата го потпишала а со тоа и го оштетува државниот буџет. Се прогласи за ненадлежна за „Црвениот поет“. На службеното барање од Алфа ТВ за емитување на серијата посветена на Кочо Рацин не препраќаат кај продукцентската куќа.

  • „Одредбите за емитување на серијата се однесуваат на продуцентот и неговата обврска за начинот на прикажување, но во ниту една одредба не стои дека Агенцијата под автоматизам ги презема правата“ – Пишува во одговорот од агенцијата за филм.

Агенцијата како да не сака да го види членот 14 од Договорот за финансирање. Во него јасно стои на кои начин може да бидат одземени правата од продуцентската куќа.

  • „Преносот на правата на сопственост се врши доколку… продуцентот ги загрозува вложените средства од страна на Агенција“. – Стои во Член 14 од договорот помеѓу Агенција за Филм и продукциска куќа „Сектор Филм“.

Со неемитувањето на серијата, нема заработка па нема ни пари за Агенцијата за филм која за „Црвениот поет“ вложи 23 милиони денари.

Бидејќи продуцентот не ја отстапува серијата, Агенцијата може и треба да ги земе правата за емитување. Оваа информација ја потврди и поранешнаата директорка на Агенцијата, Мими Ѓоргоска, која и лично го потпишала договорот пред шест години.

ТВ Алфа не се откажува. Ќе ги побара правата за емитување и од продуцентот, како што предвидува и самиот договор.

  • „Доколку продуцентот во рок од три години од целосна реалзиација на играната серија не ја емитувал на територија на Македонија, должен е без надоместок да ја понуди на јавното претпријатие „Македонска радио-телевизија“, на националните, на регионалните и локалните телевизии“ – Стои во член 23 од договорот помеѓу Агенција за Филм и продукциска куќа „Сектор Филм“.

Веќе е испратен и допис до Антикорупциската комисија која потврди дека ќе го испита и овој случај како дел од поголемата чешлање на работењето на Агенцијата за филм.

Инаку, серијата посветена на македонскиот револуцинер, Кочо Рацин, го чинеше државниот буџет 23 милиони денари. Таа се чува во бункер веќе шеста годнина по ред, и никако да го види светлото на денот. Помеѓу шпекулациите во јавноста, најгласна е онаа дека серијата систематски се цензурира, бидејќи е сместена во втората светска војна, период во кој Македонија се наоѓа под бугарската фашистичка чизма.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста