Ценовното „цунами„ не застанува – власта мора да поработи цените вистински да паднат, не само на хартија

Ценовното „цунами“ никако да забави. Иако бранот поскапувања на месечна основа бележи благо намалување, во пракса не е ниту приближно така, алармираат од Сојузот на синдикатите на Македонија. Велат, доволно е да се направи една обиколка во поголемите маркети и да се види дека цените воопшто и не мрднале надолу, туку напротив. Синидкатите реагираат дека власта попусто се фали, кога работниците ја губат куповната моќ и не знаат како ќе го закрпат месецот.

  • Да не се фали Владата дека се зголемиле платите, кога инфлацијата е до плафон, ние со овие плати не можеме да преживееме, затоа власта нека не се фали попусто. Мора да кажам дека на едно четиричлено семејство во јануари му биле потребни 50.799 денари за минимални месечни трошоци, покажуваат пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија. Според податоците за синдикалната потрошувачка кошничка објавени денеска, најмногу пари или 19.206 денари се трошат за храна и пијалоци, а 13.313 денари за режиски трошоци. За хигиена биле потребни минимум 3.097 денари, а за превоз 3.668 денари. Државниот завод за статистика вчера објави дека инфлацијата во јануари изнесува 17,1%, вели меѓу другото за Алфа потпретседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Иван Пешевски.

Како изгледа реалноста покажува споредбената статистика. Ако на пример во јануари 2020 сте купиле храна за 1.000 денари, сега таа ќе ве чини речиси 1.400 денари, што е огромно зголемување.

Експертите се загрижени и предупредуваат дека без посериозна стратегија од страна на власта, нема да има видливи ефекти и во иднина:

  • Илузорно е да се очекува цените да се намалат сами од себе, тоа никогаш не се случило во Македонија. Цените може да се намалат само ако Владата донесе одлука за нивно ограничување, како што направи на крајот на 2021 година, но гледаме дека не постои волја за такво нешто. Затоа би кажал дека главниот фокус на граѓаните во наредниот период треба да биде на тоа да се зголемат примањата – платите, пензиите, социјалната помош. Тие треба да пораснат барем онолку колку што беше инфлацијата лани, односно барем 14%, за да се спречи луѓето да осиромашат поради повисоките цени. Ако тоа не се направи, илјадници луѓе ќе паднат во сиромаштија и годинава, вели за Алфа економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

Синдикатите додаваат и дека не може работниците да се продуктивни со плата од 18.000 денари и со цени до плафон. Бараат Владата да покаже сериозност. Дел од компаниите се правдаат дека и покрај поевтината струја, немало услови за намалување на цената, зашто цените на увозните суровини биле високи.

И додека цените заминаа до плафон и никако да има намалување, Владата се закани дека ќе ги повлече субвенциите за струја на компаниите кои не ги намалиле цените на производите, стопанствениците велат да има повеќе контроли, за да увидат каде е грешката.

И додека власта и стопанството се натегаат каде бил проблемот, сиот товар паѓа врз и онака осиромашениот граѓанин. Инаку, трошоците за живот се зголемија за 17,1% за само една година. Според државната статистика најголемо поскапување има кај храната, од над 25%.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста