Цените растат толку брзо, што граѓаните не можат да ги следат, а камоли да пресметаат како да преживеат

Поскапо парно, струја, храна, горива, дрва, пелети. Граѓаните едвај можат да ги следат зголемувањата на цените кои растат се повеќе од ден на ден. Со повисоките сметки за комуналии и сè поскапата храна, следните месеци ќе бидат и тоа како предизвикувачки за џебот на граѓаните. Парите ја губат својата вредност, па со една плата можат да се купат помалку продукти. Граѓаните револтирани, никако да им излезат точни пресметките како да најдат пари за сé, а да не заглават во „дебел“ минус.

Убедливо најмногу поскапеа храната и горивата. И додека нафтените деривати колку толку поевтинија, цените на основните прехранбени продукти одат само нагоре. Експертите излегоа со низа препораки за заштита од ценовните шокови. Порачуваат мерките да продолжат и да се замрзнат цените по примерот на Србија. Велат ако Владата итно не преземе реални мерки, сиромаштијата во државата ќе биде уште поголема

Граѓаните најмногу ги изреволтира поскапувањето на струјата во просек за 7,4%. Оние кои најмногу трошат, за дел од струјата ќе треба да платат и до 100% повеќе. Новите пресметки покажуваат дека оние кои просечно трошат струја, ќе треба да платат за околу 400 денари повеќе месечно. Аналитичарите не веруваат ниту дека државните електрани имаат капацитет да произведат доволно струја за сите, без да увезуваат електрична енергија.

Најнов удар за Скопјани дефинитивно е поскапувањето на парното од денеска. Сметките за август кои ќе им стигнат за наплата во септември ќе бидат повисоки за 14%. Тоа се дополнителни 250 денари кои секој месец треба да се одвојуваат од семјниот буџет. За да немало 100% поскапување на парното, од Регулаторната комисија се „крстат“ во комбинираната електрана ТЕ-ТО која треба да произведе 70% од потребите.

Загревањето на домовите ќе биде вистински предизвик. Повеќе нема евтини алтернативи. Посовесните домаќинства кои секоја година купуваа дрва во текот на летото, годинава не можат да го сторат тоа. Дрвата се прескапи, а цените на пелетите се неколкукратно кренати. Ако лани вреќа од 15 килограми чинеше 196 денари, сега за истата ќе треба да платат од 350 до 370 денари.

Инфлацијата достигна 14 и пол отсто и се очекува и натаму да расте. Просечната плата од 31.500 денари сега вреди 4.500 денари помалку, односно е исто како во џеб да имате 26.900 денари. Финансискиот удар е уште поголем за оние со најниски примања. 18-те илјади денари на оние што добиваат минималец, вредат 2.600 денари помалку, односно е исто како да заработуваат само 15.400 денари.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста