Хакираниот систем на ФЗО создаде хаос во аптеките со осигурениците

Ако итно ви е потребен лек коишто е издаден на рецепт може да почекате и до 3 дена. Хакираниот систем на Фонд за Здравство направи сериозни проблеми со издавањето на лекови со рецепт во аптеките. Фондот за здравство уште вчера испратиле известување до сите аптеки за начинот и проверките со кои ќе се издаваат лекарствата додека не се надмине проблемот со системот кој е хакиран. 

Од вонредните мерки се изземени пензионери, социјални случаи и невработени лица. За нив вработените во аптеките имаат инструкции да издаваат лекови без проверка. Но за останатите, мора да вршат проверки. Конкретно, преку Фондот за здравственото осигурување да добијат информација дали лицето има платено придонеси или не. Ваквиот систем веќе создава проблеми во работењето. Некои  граѓани се приморани да чекаат 24 часа, а ако станува збор за хронична терапија, дури и до 3 дена. Алфа направи обиколка на аптеките и на лице место се увери како функционира системот. Вработените не сакаат да зборуваат пред камера, но зад неа, се жалат дека имаат проблеми во комуникацијата и спроведувањето на мерката.

„Мораме да вршиме проверки, пред да го издадеме лекот. Да, имаме поплаки од граѓаните, посебно од оние кои што мораат да чекаат, но такви насоките кои ни се дадени од Фондот за здрвство“, вели вработена во аптека.

 Од Фондот за здравство пак тврдат дека системот функционирал и немало проблеми. Очекуваат вработените во аптеките да ги следат нивните инструкции.

Но хаос нема само со издавањето на лекови. Поради хакираниот систем доцнат платите на вработените во здравството, не се исплаќаат боледувања, има проблем и со рефундација на средства за осигурениците. Власта вели дека системот е нападнат, се работело на негово средување и побара трпение кај граѓаните. 

Лидерот на опозицијата пак критикува и бара одговорност за хаосот.  Христијан Мицкоски обвинува дека двајца директори од Фондот едниот од ДУИ другиот од СДСМ носат одгвоорност за она што се случува. Според него, резултатите од нивната работа се украдени податоци на осигуреници и незадоволни доктори без плата.

Имаме еден директор на ДУИ и еден директор на СДСМ. Оваа Влада наместо да се занимава со нивно разрешување, двајцата се заштитени, вели Христијан Мицковски претседател на ВМРО ДПМНЕ.

Хакерскиот упад во Фондот направи хаос со функционирањето со целиот здравствен систем. Наместо по електронски апликации, матичните лекари, болниците, аптеките и сите останати здравствени органи, сега пополнуваат хартиени обрасци со потпис на пациентите за сите услуги платени од Фондот. Уште поголем проблем е исплатата на јануарската плата за здравствените работници. Од фондот се оптимисти дека платите во здравството ќе бидат регулирани до наредната недела. Системот на Фондот е цел на хакерски напад, а за да се вратат податоците, наводно се барал откуп од милионски суми.

Паула Костадиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста